Серијата „Каос“ на Нетфликс (да, се пишува со К) е современа комична интерпретација на грчката митологија со теми од родова политика и класни разлики. Почна со прва сезона во август, се крена голема џева околу тоа дали ја бива или не (главно викаа да - ние не бевме нешто воодушевени, освен од Ѕевс-Голдблум) и неодамна, по помалку од три месеци, беше откажана.
Овој факт беше дочекан со врескање по социјалните мрежи, со петиции таа да се спаси. Имаше и закани за откажување од претплатата доколку ова не биде така.
Но и покрај вревата, бројките на гледаност кои излегоа минатата недела покажуваат дека малкумина (според стандардите за гледаност) навистина ја издржале. Вкупно 825 милиони минути од шоуто биле изгледани во првата недела од излегувањето, бројка која драстично се намалила за 52% во втората недела. За споредба, мистеријата „Совршен пар“ со Никол Кидман која излезе во слично време со „Каос“ имаше 1.91 милијарда минути во првата недела, а 1.97 во втората.
Може да се спори дека и покрај мааните „Каос“ беше креативна и на моменти навистина смешна, со простор за раст. „Совршен пар“ беше полн со лоша глума, перики и акценти тешки за дешифрирање. Тоа дека втората поминала драстично подобро може да звучи депресивно. „Каос“ можеби и ќе преживееше да имаше малку повеќе медиумска поддршка или да беше спомната во контекст на наградите Еми. Но ова е доказ дека самиот „баз“ на социјалните мрежи не мора да се рефлектира на реалниот успех, туку обратно, може само да го маскира фактот дека станува збор за нешто што веднаш треба да се „убие“ пред да потроши повеќе пари. А тоа станува јасно откако ќе излезат бројките.
Од своето воспоставување, Нетфликс има укинато цели сезони на веќе напишани епизоди, забрзувајќи го чинот на гледачка потрошувачка. Ако некоја серија биде објавена во петок, има големи шанси да ја имате изгледано сезоната до понеделник наутро, што значи дека за толку кратко време веќе сте одлучени дали сте фан или не.
Но математиката на Нетфликс не е толку брза, што ја става реалната публика во некој вид херметички затворен ТВ меур. Следите дека луѓето зборуваат за серијата на социјалните медиуми. Веројатно зборувате за неа и во реалноста. Но освен тоа, немате информации за тоа како поминала генерално.
Ова е нешто специфично за стримингот. Традиционалната телевизија ги има бројките само еден ден по емитувањето на некое шоу. За сумирање на продажба на албуми се потребни шест дена. За филм се знае дали е хит или промашување за еден викенд (така брзо беше прогласено за утка продолжението на „Џокер“).
Но со серии како „Каос“, сè освен бројките е ставено на забрзано - шоуто се гледа брзо, обожавателите се групираат брзо и откажувањето е соопштено на истиот начин. Поради сенката на постојаната параноја врз сите дневни вести, и за оваа почнуваат теории и прашања - Дали ова значи дека Нетфликс сакал да ја откаже серијата уште од самиот почеток? Дали намерно не ја промовирале?
Всушност, во сето тоа нема никаква мистерија. Едноставно недоволно луѓе ја гледале серијата, барем по мерката на извршните директори на Нетфликс кои секако не сакаат да фрлат пари на сезони слабо гледани содржини кои не носат нови претплати.