Не само што на планетава се зборуваат голем број јазици, туку тие не се еднакво распределени. На пример, многу поголем број јазици има во тропските региони отколку во умерените клими. Тропскиот остров Нова Гвинеја е дом на над 900 јазици. Русија, која е 20 пати поголема, има 105 домородни јазици. Дури и во рамки на тропските предели јазичниот диверзитет варира - на пример 20.000 луѓе кои живеат на 80 oстрови во Јужниот Пацифик зборуваат 110 различни јазици, но во Бангладеш население кое е 600 пати поголемо зборува само 31 јазик.
Излегува дека не знаеме со сигурност зошто работите стојат така. Дистрибуцијата на јазиците и нивната разновидност секако имаат врска со историјата, културните разлики, рељефот и односите помеѓу различните групи кои населуваат одредена територија, што резултира со желба да се зборува поинаков јазик ако меѓу нив постои ривалство и омраза.
Тим составен од истражувачи од различни области се обидел да го процени степенот до кој неколку основни процеси можат да ги објаснат јазичните шеми во само еден дел на планетата - континентот Австралија. Клер Боуерн, лингвист на Универзитетот Јеил, создала мапа која ја покажува разновидноста на домородните јазици - вкупно 406, кои постоеле во Австралија пред контактот со Европејците. Тогаш имало многу повеќе јазици на север и покрај бреговите, а малку во пустинската внатрешност. Истражувачите сакале да видат колку еден модел, кој се базира на едноставен збир процеси, би се поклопил со oваа постоечка шема на јазичен диверзитет.
Симулацијата била направена врз основа на три основни претпоставки. Прво, населението се движи на тој начин што го пополнува просторот кој стои на располагање, таму каде не живее никој друг. Второ, количеството дожд може да го ограничува бројот на луѓе кои живеат на одредено место (моделот претпоставува дека густината на населеност е поголема во области каде врне повеќе). Третата претпоставка е дека човечките популации имаат максимална големина. Идеалната е некаков просек на добрите страни на тоа да се биде во голема група (поголем избор потенцијални партнери) и на „трошоците“ (оддржувањето во живот на поединци кои не се генетски поврзани). Во изработениот модел, кога населението растело над максималниот праг, тоа се делело на две популации, секоја развивајќи свој јазик.
Со користење на овој модел почетната популација која случајно се создала некаде на мапата на Австралија почнала да расте и да се шири во иста таква, случајна насока. Согласно количеството дождови таа достигнувала одредена густина, го постигнувала максимумот, а потоа се делела. Така е симулиран растот и поделбата на населението на целиот австралиски континент. Овој едноставен модел сепак не зел предвид контакти и позајмувања помеѓу групите, промена на стратегиите за преживување и други потенцијални процеси. Заради тоа истражувачите очекувале дека ќе се покаже како неуспешен. Но за чудо, моделот произвел 407 јазици, само еден помалку од погоре спомнатиот реален број. Симулираната мапа, исто како и реалната, покажала повеќе јазици на север и на бреговите, а помалку во сувите делови на централна Австралија.
Секако, на други локации јазичните шеми можат да зависат од други фактори и процеси. На пример во региони како јужен Пацифик врнежите не варираат толку многу како во Австралија. На други места топографијата, климата или конктактот помеѓу човечките групи можеби играат клучна улога. Но ова е сепак образец за метод кој може да се искористи за откривање на различните процеси на секоја локација. Јазичниот диверзитет има суштинско значење за моделирањето на комуникацијата помеѓу групите и за историјата на нашиот, човечки вид. Па сепак до сега знаевме многу малку за факторите кои влијаат врз него. Ваквиот почеток влева надеж за пошироки сознанија на оваа тема.