Романот на Енар е опишан како „поетичен приказ на историјата на културните размени помеѓу истокот и западот". Главен лик е Франц Ритер, австриски музиколог кој има проблем со несоница, и кој е пред умирање од непозната болест. Тој ги минува последните денови и бессоните ноќи размислувајќи на повеќе теми, но особено за неговите патувања и искуства на Блискиот исток. Ова е девето дело на Енар, кој освен што се занимава со фикција е и проучувач на персиската и на арапската култура, а предавал и арапски на Универзитетот во Барселона.
Она што е интересно за овогодинешната награда, е што во најтесната конкуренција влегоа книги кои ја истражуваат токму врската помеѓу Западот и исламскиот свет. Една од нив, „Оваа земја на којашто личиш" е приказна за детството на авторот како Евреин во Каиро, град кој според него ја загубил космополитската толерантност. Друга се занимава со долгата историја на колонијалното учество на Франција во Северна Африка, раскажувајќи за подемот на движењето за независност на Тунис во 1920-тите. Всушност, финалистите за наградата беа објавени токму во Тунис, како чин на поддршка за демократијата во земјата, по нападот на музејот Бардо во март, кога беа убиени 21 турист и полицаец. Ран фаворит беше „2084" на Буалем Сансал, дистописка визија на иден исламски калифат, книга која од очигледни причини беше споредувана со Орвеловата 1984. Сепак Сансал кој доби поддршка и од поранешен добитник на Гонкур, Уелбек, не ја доби наградата.
Она што е интересно за Гонкур е што авторите на наградените дела (таа се доделува не само за роман, туку и за краток расказ, биографија, поезија и дебитантски роман) добиваат по само 10 евра (!), истата сума што се доделувала и во 1903, кога таа е воспоставена. Се смета дека нејзиниот престиж не е во паричниот дел, туку во неверојатниот тираж кој го постигнуваат книгите кои добиле Гонкур, со што добитникот станува „инстант милионер".
Од таа далечна 1903 наградата предизвикувала и контроверзи. По само неколку месеци од првото доделување, како форма на протест, е воспоставена Prix Femina, награда за жени-писателки која се доделува од жири составено само од жени, а како противтежа на Гонкуровото жири, во кое се членува доживотно, а кое тогаш се состоело само од мажи.Во 1919 јавноста се бунела зошто таа му била доделена на Марсел Пруст, а не на некој млад и свеж автор (Пруст тогаш имал 48 години, иако технички бил почетник, бидејќи доцна почнал да објавува), а во 1921 протест предизвикало прескокнувањето на „Патување до крајот на ноќта" на Селин во корист на книга чиј автор бил потпишан со псевдоним, зад кој всушност стоел претходен добитник на Гонкур. Тој вистината за својот идентитет го открил во проштална порака пред да се самоубие во 1980 (повеќе за неговата интересна биографија тука)
Од сите овие интересни „тривии“ за Гонкур сепак се истакнува оваа: традиционално жирито се состанува за конечна одлука во ноември во ресторанот Drouant, близу Париската опера, на јагнешка чорба.
На здравје нека им е!