„Хјуманкајнд“ наместо „менкајнд“, „полисофисер“ наместо „полисмен“. Ова се некои од сугестиите кои би ги добиле доколку куцате текст во програмата Гугл докс, која од неодамна има јазична функција наречена „асистирано пишување“. Истата е главно критикувана и оценета како „интрузивна“ и „претенциозна“.
Освен тоа, алгоритамот не е добро обучен, па реагира и на навидум обични зборови, како „вознемирен“ (annoyed), сугерирајќи „лут“ или „наапан“ (angry, upset), за „пишувањето да тече подобро“. Вознемиреноста е различно чувство од лутина или „наапаност“, но Гугл е машина, и оправдано е што не му се познати нијансите на човечките емоции.
Оваа наапаност на корисниците на Гугл доаѓа 21 година откако Мајкрософт го укина крајно вознемирувачкиот „Клипи“ (она човече-спојувалка што се појавуваше на екранот и сугерираше граматички корекции). Сега тие на Гугл докс добиваат „инклузивни предупредувања“ за сè и сешто, па некои од нив одлучиле и малку да ги тестираат границите на алгоритамот.
Од „Вајс“ почнале да копираат славни дела и интервјуа, на пример говорот на Мартин Лутер Кинг помладиот, кој според Гугл требало да зборува за „интензивната (intensive) итност на сегашноста“ а не за „жестоката (fierce) итност“. Од друга страна, транскрибираното видео на нео-нацистот и поранешниот лидер на „кланот“ Дејвид Дјук, во кое зборува за лов на црнци и го користи зборот на „н“ (веројатно најголемиот политичко некоректен грев) не добил ниту една забелешка од машината. За споредба, дури и извадоци од Светото писмо на англиски не поминале лесно, бидејќи алгоритамот имал забелешки и за некои придавки во нив.
Реакцијата на критиките од страна на Гугл е дека станува збор за „работа во тек“ и дека е нормално машините да отсликуваат човечки предрасуди. Златна машина за куцање...