Помеѓу ноември 1944 и декември 1945 на Универзитетот во Минесота бил изведен експеримент чија цел било да се одредат физиолошките ефекти на пролонгираните и строгите рестрикции на храна, како и ефектите на стратегиите за рехабилитација. Целта била двојна - во лабораториски услови континуирано да се следат параметрите на луѓето кои гладуваат, и овие резултати да се искористат како водич за хуманитарна помош на сојузниците на прегладнетите од концентрационите логори и боиштата во Европа на крајот на Втората светска војна. Учесници биле 36 Американци (главно квекери) кои одбивале да одат во војска и да носат оружје поради приговор на совеста.
Нови епизоди од подкастот „Ревизионистичка историја“ (линкот е до првиот од трите дела на истата тема) на познатиот канадски новинар и автор на неколку психолошки бестселери, Малком Гладвел, вклучува до сега неслушнати аудио материјали од Конгресната библиотека во Вашингтон, искази на поголем дел од учесниците во експериментот, снимени кога имале околу 80-тина години. Раководител на целиот проект бил професорот Ансел Кис, кој подоцна ќе стане познат по две диети: К-оброците, балансирани порции кои ги добивале војниците до крајот на Втората светска војна, и Медитеранската диета која ја популаризирал со сопругата Маргарет.
Исказите се полни со ужасни спомени на експерименталниот период, кога и најцврстите помеѓу младите мажи доживувале тешки кризи во кои се менувала не само нивната физиологија, туку и нивниот карактер. Живееле заедно, во мрачни простории под фудбалскиот стадион на Универзитетот. Додека шетале низ градот на нивните задолжителни дневни прошетки момците знаеле да седат спроти излог на ресторан и да ги гледаат луѓето што јадат, не само завидувајќи им туку доживувајќи наплив на агресивни чувства. Во мензата избивале караници околу неизлижана чинија. За да не мисли на храна еден од учесниците несвесно си пресекол прст на левата рака, за таа физичка болка барем привремено да му ја смири онаа другата, од прегладнувањето. Најчеста лектира биле готвачите со рецепти, но како што врвело времето веќе не биле интересни бифтеци или печени кокошки, туку луѓето почнувале да мислат на јадење други - луѓе.
Пред да почне периодот на рехабилитација до тогаш силните и добро најадени мажи изгледале како да се излезени од логор. Сепак, на снимките ниту еден од нив не жали за ова искуство. Тие велат дека конечно сфатиле што значи глад и дека тоа чувство е екстремно различно од она кога колоквијално велиме „ќе умрам од глад“. Наодите кои Кис кои биле објавени подоцна, а врз основа на кои биле моделирани програмите за помош, и денес се практично единствениот релевантен извор на податоци за физиолошките процеси на прегладнувањето. Во интервјуата сите, до еден, велат дека повторно би учествувале во истражувањето и се горди што придонеле. Само еден од нив имал долгорочни последици по здравјето - толку се трауматизирал, што цел живот се плашел дека може да остане гладен и постојано чувал до себе бонбони и чоколади (дури, како што вели неговата ќерка, и под седиштето на автомобилот). Постојано правел храна и ја раздавал, а специјалност му биле пржени синамони, кои знаел да ги прави со илјадници. Други од ова излегле посветени на хуманитарни мисии, работејќи во региони во светот погодени со глад.
„Не секој кој страда е жртва. Ако дојдеме до точка кога имаме морален речник само за ова, а немаме за саможртвување, Бог нека ни е на помош“, заклучува Гладвел, доведувајќи ја во прашање современата истражувачка етика, која инсистира на учесниците на ваквите студии да гледа како на неинформирани, наивни и експлоатирани жртви. Учесниците во опишаниот експеримент изгледа биле поинакви.