Влијателниот словенечки филозоф, нарекуван и „Елвис на културната теорија", има нова книга, „Наспроти двојната уцена: бегалци, терор и други неволји со соседите". Според него во Европа во последно време владеат две верзии на идеолошка уцена - солидарноста со бегалците и политиката на отворени врати од една, и обидите за заштита на сопствената држава токму од нив, од друга страна. Наместо да биде парализирана во овој „клинч", Европа соочена со бегалската криза има огромна можност, да се редефинира себеси.
Глобалната солидарност со обесправените е можеби утопија, но од друга страна десничарскиот популизам не е решение на проблемот, изјави тој дискусија организирана од Гардијан, одржана на 19 април во Лондон, која истовремено преставуваше и промоција на новата книга. Моменталната ситуација во Европа, нејзината распнатост помеѓу технократската база во Брисел и десничарските националистички партии како Пегида и Националниот фронт, претставуваат најголема опасност за универзалистичките вредности на ЕУ. Европската централна влада не е ништо повеќе од инструмент на глобалниот капитал, таа е во дослух само со класата менаџери и не е во можност да понуди решенија на големиот број проблеми со кои се соочува Европа во 2016. Во такви околности левицата има огромна задача - да ја спаси Европа од самата себе.
„Во моментов постојат две силни Европи: антиимигрантската, расистичката и анонимната бриселска Европа. Обете се страшни. Ако ова остане наш единствен избор, тогаш Европа е готова", изјави тој.
Една од причините зошто трите големи сили - Англија, Франција и Германија сепак не можат да дојдат до заедничко решение на ниту еден, па ни на овој проблем, можеби лежи на сосема неочекувано место - во нивните ВЦ шољи. Овој муабет Жижек го има често споменувано во различни контексти, но еве го тука анимиран, за попластично разбирање на проблемот. А тој, генерално, се состои во различниот однос кон нашите срања.