Федералниот театарски проект (ФТП) функционирал помеѓу 1935-1939, во текот на првиот претседателски мандат на Франклин Рузвелт. Тоа бил обид на владата, во рамки на поширокиот контекст на тн. „Њу дил“ - пакет мерки за намалување на последиците од економската криза, да обезбедат платен ангажман за театарските професионалци.
Раководителка на програмата била Хали Фланаган, драматург, режисер и продуцент. Нејзината цел била да воспостави таков вид театар кој би станал дел од животот на заедниците и би продолжил да функционира и по завршувањето на Федералниот проект.
Во текот на овие неколку години биле поставени дела од класичниот театар, но и експериментални продукции во повеќе американски региони, со што се подобрил пристапот до театар на „обичните“ Американци, во време кога забавата била неопходна и добредојдена. Најголемиот дел од претставите биле бесплатни или со купонче, бидејќи целта не било да се заработи од билети туку да се обезбеди вработување.
Имало тука и дела на Молиер, Ибзен, Шо, Шекспир, но и циркуски претстави и водвиљи, мултикултурни продукции базирани на кубански, шпански, германски и еврејски содржини, а биле формирани и седумнаесет „црнечки единици“ за развој на афро-американскиот театар.
Сепак, најпопуларни биле претставите под наслов „Жив весник“. Драмскиот текст бил пишуван врз основа на вести на насловните страници, а толкуван низ прогресивна призма. Така претставата била истовремено и образовна, но и протестна, бидејќи ги обработувала социјалните, политичките и економските проблеми, претворајќи ги во реалистична драма. Продукциите често вклучувале напредни технологии за тоа време, како подвижни слики. Темите се однесувале, на пример, на тогаш новиот изум на Едисон, сијалицата, и промовирале електрична енергија за секое семејство спонзорирана од властите, но и на проблемите со недостаток на живеалишта на третина од нацијата. Една од претставите под наслов „Спирошет“ се однесувала на табуто околу инфекциите со сифилис, опишувајќи jа историјата на болеста и поттикнувајќи тестирање.
Претставите биле неверојатно популарни - некои од нив ги имале видено над 200.000 луѓе, а често биле адаптирани така да соодветствуваат на специфичните политички и социјални услови на градот или на регионот каде што се поставувале. Сепак, некои делови биле цензурирани, особено оние во врска со анти-црнечкиот расизам.
Програмата била прекината летото 1939, по серија сослушувања од страна на озлогласениот Комитет за антиамерикански активности кој ги ставил под знак прашање можните комунистички пораки на претставите. Иако траела кратко, оваа програма останува пример за успешноста на една јавно поддржана кампања, која успеала да обезбеди вработување за повеќе од 12.000 луѓе, од актери до вработени во билетарници, со претстави кои се прикажувале на 153 сцени во 28 држави.