Обемен текст во списанието Национална географија, кој ќе излезе во печатеното издание на 1 јануари 2019 (дигиталниот текст тука), е репортажа за случајот Потер, правена цела деценија и пол. Тој почнува со последните години од нејзиниот живот, кога Сузан со себе постојано носела картичка на која пишувало: „Во случај на моја смрт известете го д-р Виктор М. Шпицер. Тој треба да го добие моето тело во рок од 4 часа“.
Таа го знаела ова бидејќи веќе ја имала посетено просторијата каде би било однесено нејзиното тело, ја видела машинеријата за режење на нејзиното ткиво во тенки листови заради фотографирање, и со часови разговарала со Шпицер, директорот на Центарот за човечка симулација на медицинскиот кампус на Универзитетот во Колорадо, кој по нејзино барање ѝ го објаснил процесот цела деценија пред таа да умре.
Па сепак, репортажата на Национална географија не е само приказна за доктор и едно мртво тело, туку за врската помеѓу двајца живи луѓе: научник со визија да создаде детална анатомска мапа на човечкото тело за 21 век, и жена која волонтирала за проект кој би почнал дури откако таа би умрела.
Тоа се случило во 5 и 15 наутро на 16 февруари 2015. Сузан починала на возраст од 87 години, од последици од пневмонија, а нејзиното тело, според претходниот договор, било преземено од болницата во која лежела и било замрзнато. По две години Шпицер и еден од неговите асистенти со пила го пресекле на четири дела, почетен чекор во процес кој ќе трае со години. На неговиот крај Шпицер ќе го „воскресне“ и реконфигурира телото на Потер како еден вид дигитален аватар кој може на студентите по медицина да им помогне да разберат како е составен.
Во текстот во Национална географија детално е опишан процесот на дисекција кој изгледа како археолошко ископување - за да се стигне до најдлабоките слоеви треба да се почне одозгора надолу. Оние кои „аналогно“ работеле на Потер доживеале искуство кое е многу подлабоко (некои велат речиси религиско) од оние кои никогаш не ставиле вистинско човечко срце во рака, туку работеле само на компјутерски симулации. Причината за ова е што мртвите човечки тела се прилично скапа работа, во смисла на транспорт, балсамирање и чување, плус нема секогаш волонтери кои ги донираат за потенцијална употреба на часови по анатомија. Секое од телата кое се чува во замрзнувачите на Универзитетот во Колорадо, на пример, чини 1900 долари.
Веројатно токму во ова Сузан Потер, родена на 25 декември 1927 како Сузан Кристина Витчел, ја видела и својата мотивација. Била родена во Лајпциг, Германија а емигрирала во Њујорк по Втората светска војна. Во 1956 се омажила за човек по име - ова е добро! - Хари Потер, сметководител, и со него пораснала две ќерки. Имала силна конституција, воденикави сини очи и зборувала со силен германски акцент. Поради повреди од сообраќајќа имала тешкотии со одењето, и користела моторизирана количка.
Во моментот кога го сретнала Шпицер, на 72 годишна возраст, таа веќе била им позната на вработените во болницата на Универзитетот Колорадо. Била активистка за правата на хендикепираните, а еднаш се втурнала со количката среде состанок на деканот на универзитетот, мавтајќи со список барања. Еден од говорниците на нејзиниот погреб изјавил: „Доколку навистина има скалила до рајот, тогаш благодарение на Сузан таму има и пристапна рампа“.
Еден ден во 2000 година, таа му свртила на Шпицер и го добила неговиот асистент. „Јас сум Сузан Потер“, му рекла, „прочитав за вашиот проект Visible Human во весник и сакам да го донирам моето тело. Сакам да ме исецкате“. Најпрвин ја одбиле - нејзиното тело не било здраво, односно било деформирано од куп болести, вклучително и двојна масектомија, меланом, операција на кичма, дијабет, чиреви. Но по некое време Шпицер се премислил, и сфатил дека докторите се занимаваат токму со вакви, а не со совршено здрави тела.
Така започнало нивното пријателство и професионална соработка. Шпицер ја снимал на камера додека била жива сакајќи да ги регистрира информациите за нејзината медицинска историја од нејзина уста, така за студентите по медицина додека го гледаат нејзиното тело да знаат дека станува(ло) збор за човек, а не за некаква апстракција. На овој начин е прекршено и едно од правилата за донации (на органи или цели тела), според кои донаторот останува анонимен. Целиот случај на Потер станал јавно познат, таа за време на животот се појавувала и на конференции каде седела веднаш до Шпицер, а зборувала и пред неформални групи студенти.
Ја опишуваат како нарцисоидна, понекогаш дрска, но истовремено благородна и грижлива. Плетела ќебиња и капчиња за прерано родените бебиња во болницата, волотирала во продавницата за подароци и „посвоила“ група студенти од прва година (која себеси се нарекувала „Тим Сјузан“), ги канела на ручеци и им купувала подароци. Секако, по некое време веќе не можеле да ја смислат, но таа не се откажувала и барала „нови деца“.
Сега пак на ред да не се откаже од совршен приказ на нејзиното тело е д-р Шпицер. „Кога ќе ви заврши проектот?“, го прашал некој студент. „Никогаш“, одговорил тој. „Кога телото ќе стане и ќе почне да оди, тогаш сме речиси при крај“.