Само неколку часа по масакрот во Велика Иванча, министерката за здравство, Славица Ѓукиќ Дејановиќ, непоколебливо утврдила дека пост-трауматскиот воен синдром никако не може да биде причина за злосторството. Ѓукиќ-Дејановиќ е, да потсетам, лекар, специјалист по психијатрија, доктор по медицински науки и редовен професор на Универзитет. Од таа одговорна позиција, а без да има каков и да е увид во анамнезата на очигледно болниот човек, кој за помалку од половина час убил 13 луѓе, непобитно ја отфрли можната дијагноза, што е необична постапка од аспект на лекарската етика и стручност, но не од политичка позиција на министерка за здравство.
Д-р Ѓукиќ-Дејановиќ, наместо да повика на одговорно однесување и почитување на достоинството на човечкиот живот, па и на убиецот, сметаше дека е дозволено да се вклучи во медиумски шпекулации, прескокнувајќи го чекорот на утврдување семејна анамнеза на Богдановиќ, и тоа во миг кога истите тие медиуми веќе објавија дека крвните сродници на убиецот се регистрирани душевни болни и самоубијци - па да пресуди што никако не можел да биде мотивот на злосторството.
Љубиша Богдановиќ пиштолот, со кој дваесет години по своето војување изврши масовен злостор, го поседувал легално. Го набавил на самиот почеток на осумдесетите, во време кога личното вооружување никако не беше општо распространет обичај. За што му служел пиштолот, и зошто го набавил во време на занемарлива деликвенција и речиси непостоечки тежок криминал, е важен елемент во склопувањето на овој мозаик, посебно земјаќи предвид дека луѓето кои поседуваат лично оружје сметаат дека тоа им е неопходно за заштита на семејството.
Од што имал потреба да се штити Богдановиќ во 1981, живеејќи на крајот на селото Велика Иванча? Многу е поверојатно дека таа заштита, и тоа од него самиот, им била потребна на членовите на неговото семејство, затоа што, како што тоа го потврдуваат сведочењата на роднините, Богдановиќ од рана младост бил насилник кој садистички се пресметувал со својата незаштитена жена - ја тепал со мокро јаже, што имплицира промислена намера да нанесе што поголема повреда, и со „синџир за кучиња".
Самиот факт што некој со синџир врзува животни не зборува во прилог на првобитниот портрет на убиец како добродушен комшија, но се согласувам дека моите современи сфаќања за етичкиот третман на животни не само што не дофрлаат до Велика Иванча, туку не владеат ни, на пример, на Врачар, каде случаите не тешко мачење животни се сè побројни и почести. Сепак, и само уште за миг да се задржам на тортурата над животните, живо одраните мачки, кучињата со отсечени шепи потопени во солна киселина во Србија се речиси систематски дело на млади тинејџери од сите социјални статуси, главно од поголемите градски средини. Веројатно идеологијата на насилство со која секојдневно се среќаваат во учебниците по историја, вестите за недофатливиот Урош Мишиќ, државната пропаганда за борбата против одземањето на Косово, во која се повикува и на епско насилничко однесување, сепак остава некои последици врз сите.
Со други зборови, ако едвај полнолетна твитерџијка смета дека е сосема нормално јавно да повикува да му се пукне куршум во чело на секој кој мисли поинаку, од каде тогаш толкаво чудење кога „монструмот од Иванча" такво нешто и навистина ќе стори? Вчудоневидените полицајци анонимно сведочат дека Богдановиќ „пукал дури и во двeгодишно дете" од голема близина и право во глава, со оној куршум во чело на кој анонимните младинци на интернет толку лесно се повикуваат.
Насилството раѓа насилство, и тоа е единственото што е јасно. Кој и да е мотив кој медиумите и експертите на привремена работа во власта го бараат, оваа писта за сега не ја истражуваат. Напротив, ни нудат сосема други хипотези: опскурна мотивација во семејното проклетство, наратив кој го проширува дури и селскиот свештеник, и најраспространетото, и изгледа најприфатеното верување дека за масакрот е сепак - крива жена.
Во овие три дена, во кои медиумите се тркаат да ја исцедат и последната капка од крвавата трагедија, еден мотив полека се вообличува. Синот на Богданиќ, кој падна како прва жртва на татковиот убиствен поход, имал љубовна врска со „сомнителна девојка" од соседното село. Таткото се противел на овој однос, зборувајќи дека таа „морално застранета" девојка „го искористува", дека е со него само за пари, а селаните сметале дека таа е проститутка. На девојката во весниците и го наведоа името и иницијалот на презимето, местото на живеење, разговараа со нејзиниот татко задоволно објавувајќи дека таа не смее да излезе од дома. Затоа што таа не само што ја негира врската со синот на Богданиќ, туку секако го негира и своето „морално застранување", белег на курва како што ја нарекуваат најозлогласените (а воедно и најчитаните) медиуми, а кој оваа млада жена е присилена да го носи како знае и умее. Сосема слична неетичка логика, која зад злосторството бара одговорност на неверна жена, го гледаме веќе со месеци, во најмалку три последни брутални убиства на претепана манекенка, удавена докторка и запалена студентка.
Богановиќ значи не убил моноструозно 13 луѓе затоа што е психопат кој 30 години носи оружје, не е садист кој на семејното насилство му дава импресивна димензија, не е лудак и повратник од војна, не е патријархален „татко на семејството" кој смета дека има право да одлучува за личниот живот на својот 40-годишен син, не, сето тоа не се можни причини, туку причината е застранета жена, курва, таа која со нејзината алчност и неморално однесување го нарушила семејниот мир и, логично, Богдановиќ го навела да му „се спојат жичките", па да им пука во чело на заспаните селани, вклучувајќи и нечие двегодишно дете.
Што навистина се случило и понатаму никој не знае. Самиот убиец е за жал четрнаесетата жртва на овој страшен настан, и сега е уште потешко да се утврдат вистинските причини на злосторството. Но дури и да ја прифатиме хипотезата на министерката дека убиецот не страдал од воен синдром и ако работата ја поставиме поинаку - дека едноставно отсекогаш бил таков, вниманието би морало да биде свртено на уште една сериозна работа: ако Богдановиќ е запуштен душевен болен со садистички склоности, што ни зборува тоа за профилот на луѓето кои одеа на боиште во текот на тие деведесети? Ќе потсетам, колку и да е тоа овие месеци непопуларно и демоде, дека д-р Ѓукиќ-Дејановиќ беше составен дел на воената власт од самите почетоци, истакнат член на СПС на Милошевиќ од 1990., на која ѝ пристапи право од распаднатиот Сојуз на комунисти, па би морала да биде одлично упатена во психолошко-психијатрискиот профил на луѓето кои оделе во воените зони. Со други зборови, ако човекот веќе бил луд, зошто оваа земја го облекла во униформа и го пратила во Славонија со пушка, пиштол и кама во рацете? И какви намери имала со него кога тој ќе се врати?
Воените ветерани на државата која официјално не војувала можеби не полуделе сите топтан на боиштата, ниту пак сите, како Богдановиќ, веќе биле луди кога таму заминувале, но како што одат работите се на сериозен пат да полудат, занемарени од отфрлени од држава која повторно удира во воени барабани, истовремено дозволувајќи тие да бидат здравствено запуштени, социјално на дното, невидливи сè додека не се случи некој ваков злостор. Запаливата реторика која го нормализира насилството, посебно кон жените, воспитува нови генерации за одбрана подготвени, со кои ова општество ќе мора допрва да се соочи.
автор: Билјана Србљановиќ