Деновиве во Охрид се одржа меѓународна конференција со која се одбележа 10-годишнината од формирањето на независен Институт за етнологија и антропологија во рамки на ПМФ и УКИМ. Меѓу останатите гости беше и д-р Инес Прица, антрополог од Хрватска. Нејзин потесен предмет на интерес се транзицијата и постсоцијализмот (целата био-библиографија тука), но на конференцијата настапи со интересна тема, за антрополошкиот активизам помеѓу теоријата и праксата. Со оглед на тоа што активизмот во и вон академските кругови беше (и сè уште е) актуелна тема и кај нас, одлучивме да направиме интервју со неа на оваа тема.
Букбокс: Во вашата презентација укажавте на отсуство на заедничка рамка на делување на академската заедница по актуелни глобални и локални прашања, на парцијализација (и парализација?) на отпорот, што е една од последиците на таа ситуација. Дали „учениот активизам" е воопшто можен, или е тоа всушност само поинакво име за антиактивизам? Дали е можно да се менува светот низ текст(ови), или улогата на активистот и на истражувачот се всушност две различни понекогаш дури и меѓусебно контрадикторни улоги?
И.П.: Илузија е да очекуваме дека сите ќе се согласиме околу сè, но факт е дека во актуелната состојба на светот, а посебно во таканаречениот регион, сме повикани, ако ништо друго, на чесно преиспитување на својата општествена позиција па, и старински кажано, на нашата функција. Од тука потоа би требало појасно да се види и модусот на нашиот општествен ангажман, за кого мислам дека треба да се ориентира ситуациски и на некој начин спонтано, и дека би требало да биде врзан за одреден облик на построго научно определување.
Значи кога станува збор за „учениот активизам", тогаш тука не се работи само за јавен настап на поединец, ниту пак на учество на „учените" во организирани протести и слични акции. Тоа се секако важни и неопходни модели на делување, но тие исто така и генерираат сериозни недоумици. Од една страна, тие на некој начин се целосно приватни, ако можам така да кажам, без оглед на сите добри страни на таа позиција. Затоа што индивидуалниот став и храброста ја чинат донекаде заборавената фигура на интелектуалецот „од општа пракса", кој настапува со снагата на својот интегритет и кој вистински ни недостасува, со оглед на тоа што е заменет со сомнително мноштво на „опинионмејкери", со некои прикриени агенди на интерес.
Од друга пак страна, организираните протести денес се изложени на големи предизвици, не само на политички манипулации туку и на разни облици на комодификација. Тука е многу тешко да се одвојат процесите на нужна колективна организираност и „професионализација на отпорот" која е склона на брзо бришење на автентичната, поширока смисла на акцијата, сведувајќи ја на таканаречена „јасна порака". Затоа јас под учен активизам сè уште подразбирам некоја „романтична" смисла на нашата професија, која значи интегрална врска на нашето научно и нашето општествено мислење и делување. Можеме да бидеме среќни што нашата, вечно доведувана во прашање но широко поставена дисциплина тоа обилно ни го овозможува, иако без некој сигурен „рецепт".
Букбокс: Во Македонија при крајот на 2014 и почетокот на 2015 беа многу актуелни студентските протести, кои во други облици траат и денес. Паралелно со тн. Студентски пленум, главниот „орган" на студентското движење, се формираше и Професорски пленум, кој сепак не успеа да функционира на истите, хоризонтални и егалитарни принципи како и студентите, па се чини дека на моменти дури и го уназади процесот. Каква е ситуацијата во Хрватска во оваа смисла?
И.П.: Познато е дека академската заедница во последниве неколку години навистина е место, ако не на универзализација, тогаш секако на „регионализација" на општиот социјален отпор. Станува збор за многу важни процеси, без оглед како тие завршуваат, или ни се чини дека завршуваат, и без оглед колку профилирани и „парцијални" може тие да изгледаат. Тоа што во различни средини се врзуваат за сосема конкретни и специфични барања не го намалува нивното значење на „учен активизам" - затоа што речиси сите на крај се насочени против комерцијализацијата, дисквалификацијата и политичката инструментализација на образовниот процес и (особено на хуманистичкото) знаење.
Веќе самата ревитализација на институцијата на пленумот и воведувањето на други методи на директна демократија би биле, според мене, доволни да означат будење на „световните" облици на полуорганизиран отпор на девастираните и понекогаш карикатурални процедури на тн. парламентарна демократија. Но тоа е воедно и најчувствителното место на нивната перформативност, а особено на нивната издржливост - што е карта на која играат различните протагонисти на системот.
Во Хрватска студентските протести од 2009 „паднаа" токму на тој, речиси телесен момент: луѓето едноставно се исцрпија во блокадниот облик на делување до нивните физички и емоционални граници, беа парализирани токму од нереагирањето на системот а не од неговата експлицитна репресивност. Потоа следеа други облици на „припитомување" и вшмукување на поединецот во системот, околу што е исто така тешко да се суди и човек да се поставува како морален арбитер. Да не заборавиме дека „дејството се случува" во економски поразени, родителски и студентски популации каде егзистенцијалниот момент се заканува лесно да се преврти од своите втемелувачки и колективни барања во решавање на неколку индивидуални кариери.
Но хрватските протести оставија и една неспорна трага на „учен активизам", тие имено се извор на активно делување на новата (и млада) левица која без сомневање го промени интелектуалниот пејсаж на денешна Хрватска, без оглед на нужниот ефект на „мејнстриминг"-от. Кај вас, како што ми се чини, ситуација е малку понаква, во секој случај политички поекстремна, па и поопасна заради директните репресивни реакции на политичката моќ. Не сум во позиција да делам коментари, особено не совети за таквите околности, затоа што за нив не можам да прифатам одговорност. Но сметам дека тука не е само проблем во калкулациите и чувањето на позициите, туку во нужноста на поширока општествена солидаризација со барањата на академската заедница. Впрочем, тој момент се чека насекаде, на сите локации на „парцијалните отпори".
Букбокс: Склони сме „активизмот" да го дефинираме како нешто а приори ангажирано и прогресивно, а парадоксално тој може да биде баш регресивен, лукративен и коњуктурен. Таков според вас може да биде и антрополошкиот, регионален „активизам", кој се состои од генералната критика на балканските национализми. Можете ли да ни го објасните ова подетално?
И. П.: Да, со таа теза се пробивам со голема мака, не само со отпор кој автоматски доаѓа кога критикувате нешто академски и општествено неспорно, како „критиката на национализмот", туку и со својата артикулација на тој проблем. Секако дека сум „против национализмот", тоа ми е дури и смешно вака декларативно да го поставувам, но постојат различни форми и позиции од кои критиката на национализмот - кој последните децении се репродуцира како речиси исклучива критика на „балканските национализми" - се формира и се пласира, со повеќе или помалку прикриени механизми на создавање на повластени научни позиции, по примерот на она на Саид - „Истокот е кариера".
Тука треба да се поставиме истовремено со длабински увид и на некој начин здраворазумски. Ова последново ни го наложува прашањето на целисходноста на тој дискурс кој, делумно субверзивно но главно прилично непречено, веќе повеќе од две децении ни се провлекува по разни балканолошки и слични увиди, но и по граѓански иницијативи, новински колумни итн. Тука ми доаѓа едноставно да прашам: па што се постигнало до сега? Особено имајќи предвид дека национализмите се развиваат уште повеќе и уште поуспешно, некој мора да се запраша каков е „активистичкиот" потенцијал на таа критика која, наместо да ги преиспита сопствените концепти и основи, тоне кон академскиот цинизам и проповедањето, згрозена над резистенцијата на својот предмет (било на „народот" или на „елитата", што се две сигурни позиции внатре кои се преместува). Особено ми се неосновани оние, до денес преживеани и на новата генерација антрополози префрлени, увиди во „балканската состојба", кои без пардон ја прескокнуваат - и социјалната и научната - „синкопа" на модернистичкото, или на социјалистичкиот период, со маркантен интелектуален потенцијал на демистификација и деконструкција токму на националните концепти и проекти.
Сето ова заедно е многу сложено, но со дистанца на времето и последиците на „транзициските процеси" можно е работата да се сведе на нужност националистичкиот феномен да се набљудува „во пакет" со позадинското одвивање на капитализмот - и тоа ваков каков што го живееме - на овие простори, а не како анахронизам на некаква примитивна балканска свест.
Букбокс: Како воопшто да се биде „субверзивен" низ академската работа, во комерцијални услови и под притисок на критериуми за напредок во академската кариера? Дали тоа подразбира професионален ризик и „излегување во светот" - поагресивни настапи низ медиумите, прилагодување на дискурсот така за тој да биде разбирлив и поефектен, повеќе популизам а помалку елитизам?
И.П.: На ова последно прашање ми е најтешко да одговорам затоа што не сум сигурна ни во перформансите, ниту во методологијата на тој успех. Повторно се враќам на она „романтично" сфаќање на професијата, која е и мое интимно и јавно определување од самиот почеток. Постои уште нешто во можностите на антропологијата во „домашни услови" што е интелектуално поттикнувачко само по себе, па потоа и во состојба да го носи својот актер низ сите препреки, од строго научни до овие надворешни, а сите можат да бидат исклучително тешки и предизвикувачки.
Субверзивноста тука, иако ова е прејака квалификација, се случува првенствено со определување за потешките избори, би рекла, иако тоа можеби вреди само за мојата генерација, која сепак го немаше тој егзистенцијален притисок, ниту пак се докажуваше „со бодови" и со фактори на влијание. Оттаму, професионалниот ризик не го гледам толку во агресивните медиумски настапи, ниту во популаризација во дискурсот, туку во некој вид целовитост и во непречен професионален и човечки раст, каде нема да мораме да се откажуваме од сопствените медиуми во кои твориме, но ќе сме способни тоа и поинаку да го кажеме, ако треба. Не мислам дека сè што може и мора антропологијата да го каже е „преведливо" на световен јазик, а посебно не на „јазикот на телевизијата" каков што нè опкружува. Не е поентата на нашето општествено делување да се откажеме од сопствените концепти и сомнежи, туку во себе дополнително да однегуваме една „општествена личност" способна да искомуницира некоја битна содржина. А тука не се работи за поедноставување, посебно не за банализација, за да нè разбере „обичниот свет". Можеби е повеќе обратно: би требало да пронајдеме „нов јазик" кој би се пробил низ наслагите на злоупотреба и поевтинување на зборовите.
Букбокс: На крај, со која песна би сакале да го илустрирате нашиот разговор?
И.П.: Го бирам Ник Кејв, Push the Sky Away.