Не е необично зборовите да го менуваат своето значење со текот на времето, но некои во англискиот навистина минале долга патека од оригиналното до сегашното значење. Еве некои од нив:
„Блокбастер“
Иако е прилично очигледно откако малку ќе размислиш, „уништувачот на блокови“ првично бил бомба, доволно силна за да уништи цел блок згради. Првите биле произведени од британскиот РАФ во текот на Втората светска војна, а фрлени врз германскиот град Емден во март 1941. Наскоро „блокбастер“ почнал фигуративно да се користи за се и сешто што има импресивен или уништувачки ефект.
„Девојче“
Кај Џефри Чосер, во неговите „Кентербериски приказни“ од 14 век, девојче (girl) значело дете, без оглед на полот. Тоа почнало да се менува кога во раниот 15 век во игра влегол „момче“ (boy), збор позајмен од францускиот со првобитно значење роб, или човек со ниско потекло (не, ништо не имплицираме..). Така конечно се дефинирале денешните значења на момче и девојче.
„Бимбо“
Во политички некоректно значење на згодна и глупа жена, ова е уште еден збор кој го има променето родот во текот на историјата. Со потекло од италијанскиот збор за машко дете, тој означувал агресивен насилник. Но во 1920 е напишана песна за бродвејски мјузикл под наслов „Мојата мала бимбо“ која се однесувала на убава жена со големи гради. Никој не знае како дошло до оваа промена, а едно од толкувањата е дека можеби и мажите со големи мускули и „надарените“ жени ја имаат таа судбина да бидат вреднувани исклучиво врз основа на овие карактеристики. Работата дојде до таму што во осумдесетите мораше да се измисли „химбо“, како машки еквивалент на „оженственото“ бимбо.
„Алкохол“
Древните Еѓипјани правеле специфична катран-црна сенка за очи од минералот стибнит, кого го кршеле и загревале за да произведат фина прашина која потоа ја мешале со животинска маст. Името на овој козметички производ бил ал-кол, од арапски со значење „дамка“. Алехмичарите и научниците од европскиот среден век потоа го собрале овој термин од арапските текстови и почнале да го применуваат за секакви супстанци кои биле произведени со слични средства, што вклучувало и дестилација на вино или - „алкохол“.
„Облак“
Стариот англиски збор за облак, clud, не значел облак туку карпа или планина. Но со оглед на тоа што големите сиви дождовни облаци можат да изгледаат (со малку фантазија) како сиви камени маси, веројатно овие две значења се помешале, и метеролошката смисла на зборот победила.
„Момент“
Ова ни е најинтересниот пример, бидејќи подразбира не само промена на збор туку на цел концепт, поврзан со сметањето на времето. Иако обично се мисли дека во минатото луѓето имале по флексибилно сфаќање на неговата периодизација, ова покажува нешто сосема спротивно. „Момент“ е генерален збор за краток период кој веројатно се однесува на најмалото движење на стрелките на часовникот. Но во средниот век 24-те часа биле поделени на 15 минутни сегменти наречени „точки“, а секој од нив на 10 помали делови, кои се викале „моменти“. Така, „момент“ всушност означувал точно 90 секунди или минута и пол. Следниот пат кога некој ќе ви рече „момент“ и ќе го нема пола саат (или ќе се сети на вас по неколку дена) потсетете го на оригинално значење на зборов.
Извор: Гардијан