„Куќа од земја" е приказна за млад пар кој живее во Тексас во 1930-тите. Тие сонуваат да изградат куќа која ќе им одолее на силните ветришта и на постојаната прашина која ѝ се заканува на дрвената колипка која ја нарекуваат дом.
Романот е објавен од новата издавачка куќа на Џони Деп, огранок на познатиот Харпер и Колинс, наречена Infinitum Nihil. Неговиот издавачки партнер, историчар и писател Даглас Бринкли е оној кој го открил досега необјавениот ракопис: „Вуди Гатри има нешто за кое сонува секој уметник: сопствен глас. Ја читате книгата и знаете дека тоа е Вуди Гатри. Знаете дека доаѓа од срцето", вели Бринкли. Истовремено, таа содржи и убави црно-бели илустрации на самиот автор.
Ќерката на Гатри, Нора, кога прв пат ја прочитала книгата, имала поинаква реакција: „Првото поглавје е толку секси", вели таа, смеејќи се, „си реков уау, тато, каде ќе води ова?"
И Бринкли и Нора Гатри се сомневаат дека токму сексуално експлицитниот материјал во книгата е еден од елементите зошто таа толку долго не била објавувана, имајќи предвид дека е напишана во 1947.
И уште една причина: книгата која зборува за социјални теми и неправди требала да биде објавена среде најжестоката анти-комунистичка атмосфера. Оттаму политиката одиграла исто толку голема улога, со оглед на тоа што Гатри, исто како и во неговите песни, во романот зборува против банкарите и бизнисмените кои според него ги одржуваат сиромашните во сиромаштија.
Гатри бил опседнат со подобрување на условите на живот во областите на Америка кои и онака биле економски утепани, па уште и страдале од различни природни катастрофи. Сметал дека доколку се градат куќи од поцврст материјал, како ќерпич и тули, тие ќе ги издржат налетите на ветерот. Во песната Bling Blang тој пишува:
„Ќе зграпчам малку кал а ти малку глина
За кога ќе врне да не ни ја однесе
Ќе изградиме куќа која ќе биде силна
Ветриштата ќе ѝ пеат песни на мојата мила."
Иако напишан во времето на Големата депресија, идеите во овој роман се поактуелни од кога и да е, особено онаа за поседување на имотот на кој живееш и го обработуваш, кој никој не би смеел да ти го одземе. Како во славната „Оваа земја е твоја земја" - „Имаше голем висок ѕид кој се обиде да ме запре/Имаше знак, пишуваше приватен имот/Но од другата страна на знакот не пишуваше ништо/Оваа земја е создадена за мене и тебе."