Тешко е денес да се живее од книжевност, повторуваат вознемирено и писателите и издавачите, но изгледа никој не ги сфаќа сериозно. Всушност и никој не ни треба да ги сфаќа така. Затоа што, извинете, кому во оваа земја би требало нешто да му значи тврдењето дека од книжевноста тешко се живее?
Дали знаат писателите и издавачите нешто од што денес се живее лесно? Приликите во издаваштвото се секако ужасни, но каде не се? Ако пропаѓаат трговци, месари, ако се гасат градежни кoмпании и инвестициски друштва, ако не се вработуваат економисти и инженери, ако во државната благајна нема пари за бродоградители и земјоделци, ако не се градат болници и градинки, каде во празниот магацин на социјалната солидарност и разбирање би нашле утеха за трагичниот случај авторот на перфектно структурирана, стилски ненадмината и потресната хроника на своето семејство помеѓу двете војни, кој еднолично се храни само со ориз и компири?
Ако размислите повнимателно за издавачкото и литературно цмиздрење, тоа, од која и идеолошка точка да го разгледувате, марскистичко или неолиберално, е сосема неосновано. Навистина нема со што да се оправда нивното барање државни пари, освен со нивната трогателна, но ретко оправдана верба дека пишуваат и издаваат дела со бесмртна уметничка вредност, со кои неизмерно нè задолжуваат и нас глувите и ќоравите, неблагодарните современици и, да се надеваме, поинтелигентните поколенија кои доаѓаат.
Навредени величини
Слушајќи ги патетичните крици на навредените величини на нашиот пишан збор, на тие заборавени класици од две тенки збиркички раскази и на издавачките гиганти кои ништо не објавиле во тираж над 200 примероци, не можете да се изначудите колку е всушност сериозно тоа аутистично пореметување.
Тоа што тие го прават како да е целосно исчашено од хрватската стварност. Јутарњи лист пред неколку дена објави драматична исповест на мал издавач на кого Министерството за култура му скратило поддршка за претставување на неколку негови автори во Њујорк, кои со исклучок на едно навистина исклучително име се група безвезњаци кои не успеваат да соберат ни десет читатели.
Што би била смислата на нивната екскурзија во Њујорк? Ако Хрватите не ги читаат, можеби Американците ќе успееме да ги заебеме?
Во Јутарњи навистина се споменуваат и некои вредни дела кои Министерството никако не смеело да ги одбие, како опсежната музиколошка оставштина на покојниот Љубе Стипишиќ, и такви примери нè предупредуваат дека во културата има многу некомерцијални нешта, кои се и пазарно безнадежни, а кои сепак треба безрезервно да се чуваат и помагаат.
Има и талентирани поети и сликари и театарски режисери кои не можат да си ги платат сметките со она што го заработуваат, и ним треба да им се даваат стипендиии, да им се откупуваат делата и да се испраќаат на настани. Лошо е меѓутоа што, типично хрватски, во тоа нема никакви критериуми, и што и будали можат да се шлепаат заедно со вредни автори. За државните дотации, како и кај млекарите, се тепаат и оние со стотина грла, и оние што молзат една слабичка крава талент и инспирација.
Променете ја професијата
Пари за сите секако нема, и не може да има. Во двете хрватски организации на писатели има, на пример, осумстотини членови, а прилично е неверојатно, ќе се согласиме, дека се работи за 800 книжевни генијалци во постојано недоразбирање со околината. Нешто мора да е погрешно во тоа, па и на страна од познатата вистина дека нашиот народ не сака да чита.
Лага е дека прозен наслов не може да се продаде во повеќе од илјада примероци. Ако навистина се потрудите, верувајте, може да се продаде и во петнаесет пати повеќе. Би можел сега со име и презиме да наведам некои светли примери, но нема, да не испадне дека се курчам.
Наместо тоа, на хрватските писатели и издавачи ќе им го кажам само ова. Немојте да мислите дека сте од Бога дадени и дека проблемот е во читателите. За вниманието на читателот, колку и тоа да ви звучи зазорно и понижувачки, морате напорно да работите. Ако сте фрустрирани и бесни на целиот свет, нема да ве сакаат - луѓето и инаку не ги сакаат оние кои се фрустрирани и бесни на целиот свет. И на крајот и пред сè, бидете забавни.
Џонатан Франзен во едно интервју неодамна рече дека му е важно неговите книги да бидат забавни. Кога еден навистина голем писател ќе признае такво нешто, нема ни вам да ви падне круната од главата ако се потрудите да не бидете досадни.
И тоа е всушност сè. Ако ништо од ова не запали, не знам што би можел уште да ви кажам, освен оној последен совет кој можеби не сакате да го чуете: ако не можете да живеете од литература, веројатно е време да го промените занаетот.
Бонус:
Одговорот до Томиќ од Јурица Павичиќ - сакаш да кажеш дека само популарната култура е добра култура?
Претходно интервју на Букбокс со Роберт Перишиќ на истата тема