Aмазон инстант видео е интернет сервис кој овозможува гледање телевизиски шоу програми и филмови, со опции за нивно изнајмување или купување. Засега е достапен во САД, Велика Британија, Јапонија и Германија. Компанијата креира и сопствена содржина, а следната нејзина телевизиска серија ќе биде режирана ни помалку ни повеќе туку од Вуди Ален.
Засега серијата нема наслов, а не се знае ништо ни за нејзината содржина. Но таа ќе биде прв ТВ проект на славниот Ален, кој во својата петдецениска кариера има направено повеќе од 40 филмови, но ниту една серија. Епизодите ќе траат по 30 минути.
Со ова Ален станува уште еден од редицата славни режисери кои од големиот се свртеа кон малиот екран. Дејвид Финчер, на пример, ги режираше првите две епизоди од „Куќа на картите" за Нетфликс, а сега ја прави „Утопија" (за која пишувавме тука) за американскиот HBO. Дејвид Линч, кој се префрли на телевизија во раните 1990-ти со „Твин пикс", ќе ја воскресне серијата за друг канал во САД следната година.
Рој Прајс, потпретседател на Amazon Studios изјавил:
„Од Ени Хол до Тажната Јасмин, Вуди е креативниот фронт на американската кинематографија, и сме крајно возбудени што ексклузивно ја добиваме неговата прва ТВ серија".
А пак Ален, во негов стил, на ова додал:
„Мислам дека Рој Прајс ќе зажали за ова".
Минатата година Амазон собра одлични критики за продукцијата на „Транспарентно", која освои двоен Златен глобус, за најдобра серија во жанрот мјузикл или комедија, и за најдобра улога на Џефри Тамбор, кој во неа игра трансексуалец.