Семејниот фолдер на даунлодирани филмови ни е „гробница на добри намери“ - сè некои тешки драми, мрачни дистопии, црно-бели спорости и даунови. Не ги бришеме, ама кога ќе дојде ред приквечер мртви уморни да гледаме нешто, оној кој ќе се осуди да ја разбие интелектуалната репутација на нашата дневна обично го изговара одлучното: „Дај бе нешто полесно!“.
Па што има лошо во тоа? - прашува коментатор на Њу Стејтсмен во текст под наслов „Во одбрана на филистерството“. Притоа под „филистер“ (philistinе) се подразбира човек кој не само што не е интелектуално поткован, туку и дополнително ги трола уметноста и духовноста, малограѓанин кој е индиферентен кон културните и естетски вредности. Во англискиот овој збор со спомнатото значење се употребува од почетокот на 19 век, за опишување на буржујската, трговска средна класа на викторијанската ера, која задоволена само со материјални добра престанала да го цени образованието и духовната надградба.
Повеќе од три века подоцна, да бидеш виден во кино на „50 нијанси потемно“ во „културните“ кругови кои креваат веѓа на сè што не е Дејвид Линч или Тарковски е рамно на брука. За да биде нешто добро мора да е тешко и мрачно. Како што напишала Сузан Зонтаг во 1963: „Вистините кои ги почитуваме се оние изнедрени од болка“. И иако е точно дека дозирани поттици на ментална комплексност нè тераат да мислиме појасно - да бидеме „ангажирани“, а не пасивни - доколку тие во моментот или генерално ни се преголемо оптоварување, тогаш не само што се залудни, туку имаат и обратен ефект, на гасење телевизор или фрлање на книгата во некој ќош од каде ќе биде извлечена дури при следната генералка.
Каноните за тоа што е а што не е „интелектуално“ и што е комплексно во уметноста се формираат со (сомнителен) консензус, но колку тие ги отсликуваат вредностите на општеството во целина? Ако најпрофитабилните филмови на сите времиња се (за некого) „простите“ Аватар, Војна на ѕвездите, Џурасик ворлд или Авенџерс, тогаш можно ли е милионите кои ги гледале и им се восхитуваат да се глупи, а оние кои во соседната сала се мачеле со „Торинскиот коњ“ на Бела Тар да се интелектуално супериорни?
Треба да се земе предвид дека она што во некој период било сметано за „ниска“ култура, веќе во следната може да биде фалено како авангарда. Кој знае, за некој век Хајлендер двојка ќе биде рехабилитиран како визионерска и несфатена кинематографија, а авторката на „50 нијанси сиво“ како некој што требало со време да добие Нобелова.