Лани, отприлика ова време, Грета Тунберг, 15-годишно девојче од Шведска, скоро еден месец протестираше пред парламентот на својата земја во знак на револт што таа не презема доволно во борбата против климатските промени. Поводот беа топлотните бранови што ја зафатија земјата и големиот број пожари во најтоплото лето регистрирано во последните 262 години. Нејзините барања беа шведската влада да ги намали јаглеродните емисии, а на минувачите им даваше флаери на кои пишуваше: „Го правам ова затоа што вам, возрасните, не ви е гајле за мојата иднина“.
Нејзиниот гест привлече големо медиумско внимание. Во ноември таа зборуваше на ТЕД Стокохолм, потоа на самитот за климатски промени на ОН и на уште куп други настани, на кои никогаш не патува со авион. На 15 март 2019 околу 1.4 милион ученици и студенти одговорија на нејзиниот повик и протестираа во 112 земји низ светот. Генералниот секретар на ОПЕК, Мoхамед Баркиндо, изјави дека Тунберг и другите млади климатски активисти се „најголемата опасност“ за индустријата на фосилни горива. Следната година три членови на норвешкиот парламент ја номинираа Тунберг за Нобеловата награда за мир, кога таа се најде и на насловната на магазинот Тајм.
Веќе постои и израз „ефектот на Грета Тунберг“ и тој меѓу другото се одразува и на објавувањето поголем број детски книги на теми поврзани со климата, како и на нивната продажба. Помеѓу нив се убаво илустрирани сликовници како „Водич за загрозени животни за дивото дете“, апокалиптичниот роман „Каде што реката пожолтува“ или прирачници како „Децата се борат против пластика“. Пластиката е тема и на најавената „Приказната за четкичката за заби“, каде се следи патот на една единствена четка и начинот на кој таа може да биде корисна, но и да ја загади планетата. Тунберг самата е на насловната на „Херои на земјата: 20 инспиративни приказни на луѓе кои се обидуваат да ја спасат земјата“.
Според издавачите, таа го поттикнала апетитот на младите за промена, но ги освестила и уредниците да посветат поголемо внимание на климата како тема. „Херои на земјата“ е темпирана за октомври, за да излезе непосредно пред да се дознае дали Тунберг ќе ја добие Нобеловата. Без оглед дали тоа ќе се случи или не, книгата треба да ја пренесе пораката дека никој не е сам во борбата за промени и дека секој може да придонесе за неа.
Грета наскоро ќе патува преку Атлантикот, од Велика Британија до Њујорк, со јахта, за да присуствува на климатските самити на ОН во САД. Таа ќе направи едногодишна пауза од училиште за да го искористи моментот на нејзината популарност и да ја пренесе пораката „на местата на кои ќе се одлучува за нашата иднина“. На патот со јахтата опремена со соларни панели и подводни турбини кои генерираат безјалеродна електрична енергија ќе ја придружува татко ѝ, и внукот на принцот од Монако и актерката Грејс Кели.