Брзата еволуција на oклопното вооружување во годините по Првата светска војна го променила начинот на водење војни. Западниот фронт брго се свел на статична низа ровови, при што илјадници мажи гинеле во напади кои можеле да донесат само неколку стотини метра освоена територија. Со воведувањето на првите оклопни тенкови во 1917, кои можеле да минат низ бодликава жица и биле релативно отпорни на куршуми, нештата се промениле.
Со воведувањето на оклопните возила во 1917, воената тактика започнала да ги имитира коњаничките напади од масовните битки од минатото, кои се воделе на огромни парчиња територија. Следното модерно оружје - авионот - дополнително го зголемил обемот. Воените планери сега морале да кршат глава околу оклопно напредување кое би покривало десетици километри во еден ден, нешто што до тогаш било незамисливо.
Во 1930-тите, неколку армии почнале да размислуваат за тоа како во текот на битката да пренесат трупи зад непријателските линии кои би можеле многу бргу да бидат снабдени и со оклопни возила. Изнаоѓањето начин не само луѓето, туку и самите тенкови да можат да се транспортираат на овој начин делувало како комбинација од соништата. Единствен услов што морал да биде задоволен за ова да се случува преку воздушен пат бил тенковите да бидат помали. Тенкчињата биле закачувани на огромни бомбардери, кои слетувале, ги оставале тенковите и повторно полетувале. И сето ова технички било изводливо доколку имало доволно рамна површина за слетување на едно толкаво летало.
Ова довело до следната луда идеја- а што ако авионот со кој би слетал тенкот всушност би бил самиот тенк?
Така бил создаден „глајдер тенк-от“ или летечкиот тенк. Во првата половина на 20 век такви летечки модели на оружја развивала Германија, СССР, Британија и САД. „Глајдерите“ биле товарени на транспортни авиони и биле спуштани близу целта за да можат да напредуваат самостојно кон неа. Но од сите обиди Русите стигнале најдалеку до тоа тенк да лета самостојно.
Инженерот Олег Антонов бил фасциниран од авијацијата од дете. Уште кога бил тинејџер сам дизајнирал летало. Наскоро станал главен инженер во Московската фабрика за летала, каде бил автор на 30 различни дизајни.
Во 1940, само една година пред германската инвазија на СССР, Антонов бил задолжен да работи на летало со кое можеле да се транспортираат мали тенкови. Но наместо тоа, тој почнал да работи на летечки тенк наречен А-40. Прототипот користел Т-60 модел на тенк, мал, брз таков кој се користел за извидници, на којшто закачил пар крила и долга опашка. Тоа не бил совршен компромис, бидејќи оклопот на тенкот бил тенок, а оружјето на него имало мал дострел. Сепак, огромната предност на тоа што тенкот тежел само шест тона овозможила тој да се кандидира за лет.
После голем број производствени проблеми, прототип на тенкот бил конечно направен во 1942. На 2 септември таа година тест пилотот Сергеј Анокин го закачил за Туполев ТБ-3 бомбардер со долго јаже. За да го пробаат морале од него да ја извадат сета муниција и речиси сето гориво.
Авионот со тенкот полетал, но оклопното возило морало многу бргу да биде откачено порано за да се одбегне пад на леталото. Анокин, откако се приземјил, успеал да ги расформира крилата и опашката и да го донесе тенкот назад во базата.
Дизајнот на Антонов никогаш повеќе не полетал, но тоа не било крај на концептот. Јапонија исто така ја истражувала идејата во текот на Втората светска војна. Специјалниот лесен тенк Ку-ро бил направен токму за оваа цел. Овој пат на тенкот му ставиле и скии, за кога ќе ја допре земјата да не се вкопа во место туку пополека да се лизга додека целосно не запре. Сепак две години подоцна проектот бил откажан бидејќи Јапонија веќе не се занимавала со напад туку со одбрана.
И други армии се обидувале да го постигнат невозможното, и резултатот, без оглед на варијантата, никогаш не задоволувал. Крилестиот тенк останал сон, кој во современиот начин на војување се уште не е целосно напуштен.