Сем е едно од четирите деца во семејството Фабелманови, во кое таткото е инженер, а мајката пијанистка и слободна (и по малку намачена) уметничка душа. „Семи е од мојот табор“, вели гордо таа кога го опишува, особено имајќи го предвид неговиот ран интерес за камерата и подвижните слики.
Режиран од Стивен Спилберг, кој го има напишано сценариото заедно со Тони Кушнер, „Фабелманови“ е полуавтобиографски филм за детството и раната младост на авторот, кој денес има 76 години и можеби потреба за некакво терапевтско соочување со сопственото минато, секако низ уметничка призма. Главна фигура во тн. нова холивудска ера и пионер на модерниот блокбастер, тој е комерцијално најуспешниот режисер на сите времиња, а седум од неговите филмови се внесени во Националниот филмски регистар на Конгресната библиотека. Биографски филм за еден ваков човек секако би бил интересен, но уште поинтересно е кога нештата ги гледаме од негова перспектива - комплицираниот брак на неговите родители, антисемитизмот на соучениците и влезот во филмската индустрија која не е нежна кон никого, а особено не кон срамежливо и добро воспитано момче.
Повеќето од нештата во филмот се вистинити. Прегледот што следи содржи (малку) спојлери:
Трите сестри на Спилберг биле и главните „глумици“ во неговите рани 8мм филмови, а тој ги костимирал така за да изгледаат како излезени од Дивиот запад или замотани во тоалет хартија како мумии.
Мајка му навистина била концертна пијанистка која ја ставила својата кариера во втор план поради семејството, со „петарпановски“ карактер, кој внесувал свежина во домот но и предизвикувал проблеми. Била заљубена во семеен пријател, за кого по разводот и се омажила.
Првиот филм кој Спилберг го имал гледано во кино на шестгодишна возраст навистина бил „Најголемото шоу на Земјата“ на Сесил Б. Де Мил. Неговото прво домашно видео, кое го направил на 12 години, содржело судир на возови, исто како во филмот на Де Мил. И другите снимки кои се појавуваат во филмот се верни рекреации на неговите момчешки видеа, иако се направени со модерна технологија. Тука спаѓа и 40-минутниот воен фим, „Бегство кон никаде“, кој добил прва награда на државен натпревар.
Малиот Сем, исто како и Спилберг, за малку ќе се откажел од правењето филмови. Вистинската причина за тоа била тоа што на 16 години, Стивен бил толку импресиониран од „Лоренс од Арабија“, што почнал да се сомнева дека некогаш би можел да направи нешто толку добро, или подобро. „Летвичката беше поставена превисоко...Толку се потресов што првата реакција ми беше дека не сакам веќе да бидам режисер. Но потоа го гледав филмот уште еднаш. Па уште еднаш. И одлучив дека нема враќање. Или ова ќе биде она што ќе го работам, или ќе умрам обидувајќи се“.
За среќа, Спилберг е уште здрав и жив, и неговата детска визија и покрај сите предизвици - меѓу кои и по малку страшната средба со Џон Форд од крајот на филмот - е остварена.