Кралицата на умирањето

Вистинската авторка на теоријата за петте фази на тагата

Веројатно сте чуле за неа. Теоријата за тоа како излегуваме на крај со најдлабоките таги вели дека тоа подразбира минување низ пет фази: одрекување, лутина, ценкање, депресија и прифаќање. Но во својата оригинална форма таа не се однесувала на соочување со смрт на близок, туку на сопствената терминална дијагноза.

Елизабет Кублер-Рос се родила во 1926 во Цирих, „најстара“ од тројка која во тоа време била толку ретка што го привлекла меѓународното внимание. По раѓањето тежела помалку од еден килограм и докторите не ѝ предвидувале дека ќе преживее. Иако успеала во тоа, уште долго во текот на детството лежела по болници. Така, на 5-годишна возраст, кога боледувала од пневмонија, прв пат одблиску се соочила со смртта, кога починала нејзината цимерка од болничката соба. Ова рано искуство ѝ го зацврстило уверувањето дека, со оглед на тоа што смртта е нужен дел од животот, секој мора да биде подготвен да се соочи со неа на достоинствен и спокоен начин.

Во текот на Втората светска војна, Елизабет работела како лабораториски асистент за бегалците во Цирих. Имала само тринаесет години. Военото искуство и хуманитарните катастрофи ја поттикнале и по војната да се посвети на помош на најпогодените региони во Европа. Ужасните приказни на преживеаните ѝ оставиле траен впечаток. И покрај противењето на татко ѝ, таа се запишала на медицина и дипломирала во 1957. Со мал мопед одела од село до село и ги лечела фармерите, како вистински селски доктор, но исто така често само седела покрај креветот на луѓето за кои немало лек и им нудела утеха во последните часови. Се омажила за Американец, колега од студиите, и иако не го сакала тоа, со него се преселила во САД. Таму се посветила на работа со психијатриски пациенти, но еден настан ја промениl насоката на нејзиниот интерес.

Група студенти по теологија на Универзитетот во Чикаго, кадешто таа предавала, влегле во нејзината канцеларија, за таа да им помогне во истражувачки проект посветен на кризите во човечкиот живот. Четворицата го одбрале умирањето како ултимативен настан со кој човек треба да се соочи. Но како тоа да се истражува со научни методи? Единствениот начин бил „етнографскиот“ - да се разговара со овие пациенти и од нивните приказни да се извлечат некои заеднички вистини.

Ја замолила болницата да им додели пациент на умирање. Едвај нашла таков случај, а кога му пристапила, старецот како едвај да чекал некој да му се обрати и да си ја олесни душата. Бидејќи сакала да бидат присутни и студентите, му закажала за следниот ден. Но кога пристигнале, човекот веќе бил мртов.

Овој настан врежал голема грижа на совест во Елизабет, и ја натерал без одложување да се зафати со сите дијагностицирани со неизлечиви болести или такви кои се на смртна постела. Притоа таа забележала парадоксални ситуации: семејството знае дека пациентот има рак, но не му кажува. Докторите исто така не сакаат да му кажат, раководејќи се од Хипократовата заклетва и мислејќи дека соопштувањето на веста може да штети. А самиот пациент е свесен, но исто така учествува во конспирацијата на одрекување и молк.

Терминалните пациенти биле лоцирани во најоддалечените ќошиња на болниците, а медицинскиот персонал едвај и да ги посетувал. Но ова според Елизабет морало да се промени. Таа започнала проект на запишување на исказите на пациентите - кои се нивните стравови, фантазии, какви надежи и очекувања имаат или немаат од она што им останало од животот?

Интервјуата се одвивале во просторија со непроѕирни прозорци, каде од една страна Елизабет ги вршела интервјуата, а од другата седеле студенти, доктори, хигиеничарки, кој и да е кој бил заинтересиран да ги слушне овие приказни. На пациентот му било кажано дека исказите ќе бидат снимени, и дека ќе има публика која тој нема да може да ја види.

На една од снимките се слуша мекиот глас на Кублер-Рос, како зборува со 30-годишен пациент, млад татко, дијагностициран со неизлечива болест.

„- Дали смртта ви значи нешто посебно“
„- Не знам. Никогаш не сум бил мртов“

Некои од нив реагираат со иронија, со смисла за хумор, со меланхолија, гнев. Други имаат многу попрактични маки. На пример една пациентка се жали дека по процедура на преглед на дебело црево се „избербатила“, а никој не ѝ дал чисти пижами. Најголем проблем на друг соговорник е што ноќе не била отворена малата болничка капела, бидејќи најцрните мисли на човека му доаѓаат токму тогаш, во раните мугри. Извор на надеж во ваква ситуација можеле да бидат сосема мали нешта - моменти кога ништо не те боли или ништо не те чеша, или кога на телевизија има некоја интересна емисија. Еден пациент во интервјуата нив ги нарекува „бонуси“.

И покрај огромното и позитивно влијание врз пациентите, проектот на Кублер-Рос бил дочекан на нож од колегите-доктори. Некои биле многу груби и го нарекле нејзиниот тим „мршојадци“. Имало и такви кои буквално плукале на неа кога ќе се разминеле во ходниците. Никој не сакал нивната болница да асоцира на умирање. Но интервјуата станувале сè попопуларни, па болницата морала да одобри воведување официјален предмет кој ќе се занимава со умирањето на болничките пациенти. Ова било дотолку поважно во 1960-тите кога САД се соочувале со војни од кои голем број војници или не се враќале, или се враќале со тешки последици.

Во 1969 излегува нејзината прва книга „За смртта и умирањето“, а настапите поврзани со неа изгледале како рок турнеја. Таа - ниска и немаркантна женичка - ќе седнела на маса и ќе почнела да зборува со тивок глас и со тежок акцент. Следните 45 минути никој не мрдал во просторијата.

Токму низ искуствата на своите пациенти таа дошла до фамозната теорија за петте фази на тажење, која денес најчесто се цитира во контекст на нашето справување со смрт на близок. Одрекување, лутина, „ценкање“, депресија и прифаќање. Секако, не секој човек минува низ сите нив, а и степенот на реакција може да се разликува, но тие од времето на Кублер-Рос до денес се стандардниот начин да се процени до каде сме со расчистувањето со последиците на некаква траума. Или со соочувањето со сопствената смртност.

Ова е првиот и фантастичен дел од приказната за жената која го свртела светското внимание врз една крајно маргинализирана група луѓе - оние кои се на смртна постела. Но вториот дел е во најмала рака чуден. Можеби затоа што била толку опседната со смртта, Кублер-Рос по некое време „забегува“ и почнува да се занимава со спиритуални практики на зборување со мртвите. Нејзини соработници се вовлечени во некакви сеанси каде луѓе кои глумат „духовни водичи“ ги гушкаат и ги тешат во мрачна соба, а притоа се угол голи. Имало и муабет дека не Елизабет, туку нејзин соработник, ги искористил овие „работилници“ за сексуално малтретирање. Таа долго време го бранела, за потоа да го отпушти под притисок на јавноста.

Кога дошло време и самата да се соочи со смртта, иронично, но не го поднела тој факт многу добро. Седела во куќа преполна со разни бесполезни предмети, по цел ден пушела, а кога Опра дошла да ја интервјуира и ја прашала во која фаза на соочување со смртта е самата, таа изјавила - „Лутина. Помислата ме вади од памет.“

извор

31 јули 2021 - 09:52