Архитектонското биро Шигеру Бан Архитекти, кое ја има добиено престижната Прицкерова награда, пред две години инсталираше тоалети во Шибуја, градскиот центар во Токио. Кога нема никој внатре тоалетот е проѕирен, за човек да може да види како изгледа внатрешноста и дали можеби има некој или нешто внатре. Кога еднаш корисникот ќе влезе, стаклата се затемнуваат. Ноќе просториите светат во различни бои, што прави да изгледа како парковите во кои тие се поставени да се осветлени од фенери.
Во рамки на нов проект за урбано заживување на овој „жанр“, 17 познати архитекти од цел свет ќе претворат 17 јавни тоалети во Јапонија во вакви уметнички дела. А славниот германски режисер Вим Вендерс ќе сними филм за нив.
„Тоалетот е место каде сите се исти, нема сиромашни и богати, млади и стари, секој е дел од човештвото. Има нешто многу јапонско околу оваа идеја, околку целиот контекст. Речиси мислам дека е утописка идеја“; изјавил Вендерс, објаснувајќи го својот интерес. Истовремено додал дека во некој друг живот би сакал да биде архитект.
Планираниот игран филм ќе комбинира четири кратки стории, а во него ќе настапи јапонскиот актер Коџи Јакушо, кој ќе игра чистач на тоалет. Снимањето ќе се одвива во Јапонија оваа година, а датумот за премиера е 2023. Наградуваниот германски режисер претходно има патувано во Јапонија за снимањето на својот документарец „Токио-Га“ од 1985. Toj беше посветен на јапонскиот режисер Јасуџиро Озу, а „Тетратки за градови и облека“ од 1989 беше посветен на модниот дизајнер Јоџи Јамамото.
Во рамки на фестивалот на јапонска култура Нихон-џи на 28 мај ќе биде вклучена и презентација за јапонскиот тоалет од периодот Едо до денес.
За проѕирните јапонски тоалети види претходно тука.
За еден македонски тоалет во воз тука.