Eсеј за патувањето со (македонски) воз

За блиц но меродавно истражување на социјалната психологија на „просечниот македонски граѓанин“ не се потребни некакви квалитативни, лонгитудинални, статистички и други истражувања, со обемни буџети и комплицирани методологии. Доволно е на човека да му се падне да седи во првиот ред до ВЦ-то во оние новите, кинески возови.

Не бев патувала со воз добри петнаесетина години. Помислата дека постојат нови и климатизирани вагони, па уште и со чисто ВЦ, со кои би можело лежерно да се стигне од Битола до Скопје ме исполни со биполарно чувство на истовремена радост и скепса. Нов, брз и чист воз во Македонија? Во 21 век? Со ВЦ? Жифти сè!

За оние кои се уште не се возеле во нив, стратешкото позиционирање на тоалетот во новиве (кинески) возови е во најмала рака необично. Централно поставен како некаков храм кон кого водат сите патишта, тој е Мао на тоалетите - каде и да седиш те демне, и ти гледаш во него. Во недостаток на друга забава, секое движење во негов правец будно се следи од патниците во целиот вагон, исклучувајќи ја помислата за долго задржување или гласна активност во него.

Но тоа не е ништо во споредба со процедурата за влез и излез во ВЦ-то. Вратата се отвара со притискање на копче како за во лифт, јасно означено со „ЗА ОТВАРАЊЕ НА ВРАТАТА ПРИТИСНИ ТУКА“, и со симбол за лизгачка врата. До тука е лесно. Но работата се комплицира кога еднаш ќе влезеш внатре не сфаќајќи како да се затвориш, а цело купе зјапа во тебе како да си стенд-ап комичар од кого со нетрпение се очекува да продолжи да се брука.

Она што треба да го направиш е да пронајдеш исто такво копче внатре и, откако ќе го притиснеш и вратата ќе се затвори, ДОПОЛНИТЕЛНО да стиснеш и друго со нацртано катанче, за да се заклучиш. Кога излегуваш одиш обратно, го притискаш тоа катанчето да позелени, па тоа за отварање на вратата, НО за истата да ја затвориш откако си веќе надвор, веројатно по замисла на некој злобен Кинез, не го притискаш тоа надворешното копче туку она ВНАТРЕ, по што отсечно се тргаш, за вратата што се затвора да не ти ја притисне раката.

Бидејќи е тешко сфатливо, еве и под точки (во недостаток на видео туторијал):

Влез
⇒ Притискање копче
⇒ Влегување и притискање друго копче за затворање врата
⇒ Притискање катанче за заклучување

Излез:
⇒ Притискање катанче за отклучување
⇒ Притискање копче од внатре за излез
⇒ Напуштање на просторијата со половина тело
⇒ Пружање рака за притискање на внатрешното копче заради затворање

Доволно сложена сама по себе, процедурата е дополнително отежната од недостатокот на искуство и од стравот од технологија кај поединци, главно повозрасни и - барем кај оваа испитана популација - мажи. Еве неколку епизоди:

- Човек влегува, прави сè што треба, но заборава да го притисне катанчето. Друг, гледајќи дека ознаката е зелена (или без оглед на тоа), си притиска за отварање на вратата. Одеднаш пред цел вагон двајца мажи избезумени гледаат еден во друг, оној со „таквото“ во рака не се осмелува да се сврти да ја затвори вратата, а другиот панично притиска на погрешното копче (она за отварање)

- Луѓе кои кога ќе излезат од тоалетот се обидуваат да ја затворат вратата со притискање на копчето од надвор, што активира цел хор, луѓе што викаат ДЕЧКО, ДЕЧКО, ОД ВНАТРЕ!, при што истиот со збунет израз на лицето и кренат а неупотребен прст се обидува да сфати што е тоа „внатре“, и што побогу бара тука

- Луѓе кои кога ќе излезат забораваат да ја затворат вратата, па некој како за себе гласно коментира ЗНАЧИ НАРОДОВ НАШ НИКОГАШ НЕМА ДА СЕ НАУЧИ. По саат-два истиот тој што викал се мачи да излезе од ВЦ-то, повторувачки притискајќи го само копчето за катанец (очигледно според трепкачкиот сигнал надвор, кој свети црвено-зелено-црвено-зелено).

- Кулминација: откако ги сведочи маките на неговите сопатници, исушено човече на свои педесетина години изнаоѓа генијално решение - без да притиска никакви копчиња, лудистички настроен кон какви и да е апарати, тој рачно и СО СИЛА ја отвара лизгачката врата (што не е воопшто лесно), потоа СО СИЛА ја затвора, и на истиот начин и излегува. По оваа постапка вратата (нормално) е расипана, па се вика кондуктерот да ја опраи работата. Тој го ресетира целиот систем без збор и со лице на зен-мајстор, како да го прави тоа по сто пати дневно.

Најдобро во сторијава - за чудо, а можеби и не - се снаоѓаат децата. Храбро велејќи им на родителите да си останат надвор, тие прецизно и со манири на искусни програмери комуницираат со машината, се разбираат со неа, влегуваат, завршуваат работа и нималку победнички туку сосема лежерно излегуваат од комората, која само навидум е тоалет. Тоа е всушност комората на иднината, во која можат да влезат само оние подготвени не само да се соочат со неа, туку и да се прилагодат на нејзините барања. Па макар и за на крај да ѝ се помочаат на софистицираноста.

Илина Ј.

Претходно:
Есеј за селењето
Есеј за садењето

24 јули 2017 - 11:04