Моби Дик полни 161

„Викајте ме Ишмаел“

Гугл денес ја одбележува годишнината од објавувањето на славниот роман на Херман Мелвил. Кај и да е, наскоро ќе биде преведен и на македонски наскоро ќе излезе нов превод на македонски.

Приказната за морнарот Ишмаeл, капетанот Ахаб и мистериозниот бел кит Моби Дик кој му ја одгризал ногата се смета за еден од Големите американски романи, но и за дел од „западниот канон" на светската литература.

Книгата се појавила во период кој се нарекува американска ренесанса, истовремено со други дела кои денес се сметаат за класици - „Колибата на чичко Том" на Харијет Бичер Стоу, „Валден" на Торо и „Страци трева" на Волт Витман. Првата реченица „Викајте ме Ишмаел" според истражување на American Book Review од 2011. е еден од најпрепознатливите почетоци во литературата воопшто.

Со оглед на значајноста на делото, чудно е што тоа досега не било преведено и објавено на македонски. наскоро, после преводот на Свето Серафимов (Мисла, 1982) ќе добиеме нов - на Огнен Чемерски, кој ќе биде објавен во рамките на проектот „Ѕвезди на светската книжевост" на Министерството за култура, во издание на Блесок. Ви пренесуваме дел од него.

ПОГЛАВЈЕ ДЕВЕТТО

ПРОПОВЕДТА

Отец Мепл стана и со благогласие на ненаметлив авторитет им повела на раштрканите луѓе да се збијат: „Десни кораб налево, леви кораб надесно! Средеброда! Средеброда!"

Tивко меѓу клупите забаботија тешки морнарски чизми и зашушкаа женски чевли, та сè одново стивна и секое око во проповедникот се впери.

Подзастана малку; па клекна во прамецот проповедалнички, ги прекрсти долгите темни раце преку гради, внебеси заклопени очи и замолитви набожна молитва толку длабоко, небаре на дно море клекнал да се моли.

Штом и тоа се сврши, со развлечен свечен глас ко бродско ѕвоно што непрестајно ѕуми в магла од бродоломeн кораб на потон, зеде да ја чита следнава химна, но кај крајните строфи му зацимбале ѕвонливо грлото со заносна радост:

„Под ребра и грозомори во китот
Ме надсводил вилен свод мрачина
Татни од Божјите далги бабот
Дури удолу тонам в наказ и судбина.

И зина пеколот челуст што дрчно зјае,
Та укажа вечнини јад и тага
Што сал кој умее да сети ги знае
Оф, очај ми голташе и душа и снага.

Го призивше Бога избезуменава душа,
Кога дека е мој едвај верував,
Но сведна тој уво и лелек ми ислуша –
И во китот веќе не занданував.

Брзо ми притече в спас
Ко сјаен делфин да го донел;
Стуштен, но светол, ко ровја в стас
Блесна Богот избавител.

Во песнава вечно ќе го опевам
Тој страотен, тој радосен миг;
Семоќниот вечно ќе го славам,
Севишниот мој милосрден Бог."

Безмалку сите се придружија и ја испеаја химнава и ја кренаа високо над олујниот виеж. А потем настапи кратка штама, проповедникот бавно ги вртеше страниците од Библијата и конечно, стисна тупаница врз бараната страница и рече: „Драги собродјани, клин на последниот стих од првото поглавје за Јона: И нареди Господ голема риба да го голтне Јона".

„Собродјани, книгава, која има само четири поглавја – четири преѓи – една е од најтанките нишки во великото пасмо на Писмото. Но до колкави душевни длабочини донурнува подморското јаже на Јона! Колку длабоко поучение ни глаголи пророков! Колку благоразумна е неговата песна во рибјата утроба! Колку талазно и олујно велика! Водиштата ко врз нас да се врушиле, небаре со него тонеме во вир до тињата на дноштините подводни, во од морскотревје реса и во сета морска поган запретани! Но каква поука учи книгава на пророк Јона? Собродјани, тоа е двосука поука; едната поука за нас грешните, другата за мене кој сум думенџија од живаго Бога. Бидејќи грешни, на сите да ни биде наук, зашто е приказна за гревот, за тврдодушноста, за одненадеж разбудените стравови, за брзата казна, покајот, молитвите и најпосле за спасението и радоста на Јона. Како и на сите грешни, така и на овој син Аматиев гревот му бил свесниот непослух пред заповедта Господова – не е важно каква и како му ја рекол – заповедта што на Јона му се сторила тешка. Но сè што Господ ќе поволи да чиниме, нам ни е тешко за чинење – запомнете ми го зборов – па затоа и заповеди ни дели, а не гледа да убедува и да моли. А ако сме Божји послушници, тогаш мора да сме непослушни кон себе, а токму во тој непослух кон себе е тежината на богопослухот.

„И не му е доста тој грешен непослух, та и натаму Јона му пркоси на Господа, па решил да избега од Него. Мисли дека ракотворен кораб ќе го однесе в страни што место Господ ги владеат само овоземни капетани. Се вртка по пристаните во Јопа и бара брод за Тарсис. Можеби и тука скрито лежи некое досега незнано значење. Ко што велат, тој Тарсис не можело да биде ниеден друг град освен денешниот Кадиз. Така велат учените. А каде е Кадиз, собродјани мои? Кадиз е во Шпанија, по вода онолку далеку од Јопа колку што Јона можел да доплови во тоа древно време, кога Атлантикот бил скоро непознато море. Зашто Јопа, денешна Јафа, собродјани, е на најисточниот брег од Средоземјето, во Сирија; а Тарсис или Кадиз е преку три илјади врсти западно од неа, токму зад Гибралтарскиот теснец. Па не гледате ли тогаш, собродјани, дека Јона сакал на крајсвета усвет да фати од Бога? Бедник! Ох, најѕвероподен и за презир најдостен, кривокап и со виновнички поглед се искрадува од својот Господ, се вртка меѓу корабите ко некое подло разбојниче што брза да превали море. Толку растроен, себеосудителен му е погледот што, да имало заптии во тие времиња, само од сомнение за недело ќе го апсиле Јона уште нестапнат на палуба. Колку упадливо е бежанец!

(превод Огнен Чемерски)
целосниот извадок тука

 

18 октомври 2012 - 09:25