Британец од викторијанска Англија, Вилијам Кингдон Клифорд е познат (ако воопшто е) по само еден свој есеј, напишан пред скоро 150 години. Неговиот наслов е „Етика на верувањето“ (1877) во кој тој накратко вели - дека е погрешно, секогаш, секаде, за секого, да се верува во нешто доколку за тоа не постојат доволни докази.
Во одбрана на овa тврдење тој нуди три аргументи.
Првиот вели дека имаме морална обврска за одговорно верување, бидејќи тие убедувања недвосмислено влијаат врз нашите дејства. Нашето однесување е моделирано од она што го сметаме за вистина во врска со светот - со други зборови од она во што веруваме. Ако верувам дека ќе врне денес, ќе понесам чадор. Ако верувам дека крадењето е погрешно, ќе платам пред да излезам од продавница (па макар немало надзорна камера и казна за истото).
Она во што веруваме има огромна практична, а не само некаква апстрактна, духовна вредност. Лажните верувања во врска со физичките или општествените факти водат кон лоши навики за дејствување, кои во екстремни околности можат да го загрозат нашиот или опстанокот на оние околу нас. Ако не беше I Believe I Can Fly (Верувам дека можам да летам) само метафора, Р Кели кој ја изведува одамна немаше да биде меѓу нас.
Вториот аргумент на Клифорд е дека лошите практики на формирање убедувања нè претвораат во невнимателни, фриволни „верувачи“. Со други зборови, ако еднаш си поверувал во нешто без да го провериш, најверојатно тоа ќе ти стане склоност, и така мрзливо ќе продолжиш и понатаму, само трупајќи ги погрешните верувања кои, по системот на лавина, ќе поттикнат исти такви однесувања.
Преводот на Клифордовото предупредување во нашето дигитално време е лесен - ако еднаш сте кликнале на некоја шарлатанска вест и сте поверувале во неа, веќе сте фатени на јадицата. Она на што ќе морате сами да работите (или да стигнете до него на потешкиот начин - ако вашиот компјутер фати вирус или ако се отруете од некој „здрав“ производ кој ви бил рекламиран) е да ја развивате вашата ЕПИСТЕМОЛОШКА БУДНОСТ. Во спротивно ризикот да станете уште една карика во ширењето на погрешните убедувања (со тоа што, на пример, ќе ја споделите лажната вест) е многу голем.
Третиот и финален аргумент е поврзан со последнава реченица. Човекот, меѓу другото, е комуникатор на убедувања, и оттаму има морална одговорност „да не го труе изворот на колективното знаење“. Во времето на Клифод ова можело да се случи низ говор и низ писмена комуникација, преку кои она што е помислено и искажано станувало заедничка сопственост, односно колективно знаење. Денес тој глобален резервоар на знаења и убедувања се вика Биг дејта - сите податоци кои влегуваат во онлајн сообраќајот, а тоа е и она што истовремено го ПРАВИМЕ во реалниот свет, а од што алгоритмите учат во што ВЕРУВАМЕ пред тоа воопшто да биде преточено во некаков став или гледиште. Токму овој резервоар алгоритмите го користат за да донесат одлуки за, и во врска со нас. Истовремено, тоа е и местото каде бараме одговори на нашите прашања и црпиме нови убедувања. Сите историски периоди подразбирале потреба од критичко мислење, но нашево од него прави вистински морален императив.