80 години по смртта на писателката Етел Лина Вајт (1876-1944), велшка авторка од гратчето Абергавени, за нејзините дела не се знае многу, што е необично бидејќи за време на нејзиниот живот била споредувана со Агата Кристи.
До 1917 таа работела во државна служба, но по некоја година дала отказ за да може да пишува, велејќи дека не ѝ oдговара недостатокот на свеж воздух што го подразбирало канцелариското работење. Напишала три реалистични романи, а третиот бил крими-новела под наслов „Изгасни го светлото“. Нејзиниот талент почнал да привлекува внимание, па во 1928 нејзина драма под наслов „Вчерашното пристаниште“ била поставена на Вест Енд.
Сепак, врвот на нејзината кариера се случил при крајот на 1930-тите, кога Алфред Хичкок одбрал да адаптира нејзин трилер, „Тркалото што се врти“, за млада жена која патува со воз, при што нејзиниот придружник исчезнува. „Дамата која исчезнува“, како што гласело името на филмот, е всушност неговиот последен направен во Британија, и веројатно оној кој им го привлекол вниманието на холивудските студија.
По соработката со Хичкок, уште две дела на Етел ќе бидат адаптирани за големото платно: „Полноќна куќа“ под наслов „Невиденото“, а филмската верзија на „Некој мора да гледа“ била наречена „Спирални скалила“.
Едно од објаснувањата зошто Етел не доживеала слава каква што заслужувала има врска со нејзиниот пи-ар. Во ретките интервјуа таа изјавувала: „Не сум ни родена. Никогаш не сум била образувана, немам хобија и вкусови. Ова е мојата приказна и се држам до неа“. Таа била опишувана како „остра“, „луцидна“ и „саркастична“, и како таква не била баш омилена помеѓу колегите и новинарите. Истовремено, фактот дека попознатите дела ги објавила кога веќе имала 60 години работел против неа.
Таа починала од рак на јајници во Лондон на возраст од 68 години. Нејзиниот имот бил проценет на само неколку илјади фунти, кои ги оставила на сестра си Анис Дора Вајт, но под еден услов - „да плати квалификуван хирург да го зарие ножот во моето срце откако ќе умрам“. Ова се должело на нејзиниот постојан страв дека ќе биде закопана жива, тема која се појавува и во еден од нејзините романи, „Првиот пат кога тој умре“, објавен во 1935.