Џелаледин Мевљана Руми

„Вака“

Ако некој те праша
како би изгледало
совршеното задоволување
на сексуалната желба,
крени ја главата
и речи,
Вака.

Кога некој ќе ја спомене
грациозноста на ноќното небо,
качи се на покривот
танцувај и речи,
Вака.

Ако некој сака да дознае
што е тоа „дух",
или што значи „Божји мирис",
наведни ја главата кон него или кон неа.
Лицето нека ти биде блиску.
Вака.

Кога некој ќе цитира стара поетска слика
за облаци кои постепено ја покриваат месечината,
полека, јазол по јазол, олабави го појасот
на твојата руба.
Вака.

Ако некој се прашува
како Исус ги кревал мртвите,
не го објаснувај чудото.
Бакни ми ги усните.
Вака. Вака.

Кога некој ќе праша што значи
„да умреш од љубов",
покажи тука.

Ако некој праша
колку сум висок,
смурти се и измери го со прстите
просторот помеѓу браздите на твоето чело.
Ова е високо.

Душата понекогаш го напушта телото.
Кога некој не верува во тоа,
врати се во мојот дом.

Вака.

Кога љубовниците очајуваат,
тие ја раскажуваат нашата приказна.

Вака.

Јас сум небото каде живеат духови.
Загледај се во ова длабоко сино,
додека ветрето кажува тајна.

Вака.

Кога некој прашува чуму,
запали свеќа во неговата рака.

Вака.

Како мирисот на Јосиф му дојде на Јаков?
Фуууу.
Како му се вратил видот на Јаков?
Фуууу.
Ветрето ги чисти очите.
Вака.

Кога Шамз ќе се врати од Табриз,
тој ќе ѕирне од работ на вратата
за да нè изненади.

Вака.

* Снимката е од 2011, кога Тилда Свинтон ја рецитираше песната по повод лансирањето на нејзиниот парфем Like This, со ноти на мандарина и ѓумбир.

* Шамз Табризи е духовниот учител на Руми, поет и филозоф роден 1185. Една анегдота која ја опишува нивната прва средба вели: Руми читал некоја книга. Шамз минувал крај него облечен како патувачки трговец, и го прашал „Што правиш?". „Нешто што ти не можеш да го разбереш", му одговорил Руми. Книгите во истиот момент се запалиле. Руми викнал: „Што е ова?". „Нешто што не можеш да го разбереш", одговорил смирено Шамз.

27 јануари 2014 - 20:05