Ашикли Хојук е наоѓалиште на 25 километри југоисточно од Аксарај во Турција. Американскиот истражувач Џордан Абел пристигнал на оваа локација во 2017, но не за да копа скелети и предмети од покуќнината, туку да трага по нешто невидливо: по древна урина.
Колку што може да се претпостави, и без некаква научна апаратура, населението од ова место мочало. Истото тоа го правеле и нивните овци и кози. Со проценка на квантитетот на древната урина сочувана во Ашикли Хојук, Абел и неговите соработници ја реконструирале популацијата на луѓе и животни на ова место од пред 10.000 години. Методот, кој е тотално нов и креативен, би можел да се нарече „урино-археологија“.
Животинските коски, па дури и лепешките на оваа локација сугерираат дека нејзините жители биле помеѓу првите во светот кои припитомиле овци и кози, а ги чувале некогашните полудиви суштества близу своите домови. Она што го натерало Абел кој е палеоклиматски истражувач на Колумбија да се фати за урината е тоа што открил необични нитратни кристали во почвата која на вакви места е многу сува и содржи голема концентрација на сол. Тимот почнал да се прашува дали токму урината е нејзин извор, па собрале 113 примероци од Ашикли и тоа од сонди со различна длабочина кои покриваат период од околу 1000 години. Притоа морало да се внимава солите да се точно oние кои се наоѓаат во телесните течности, а не такви од концентрации на дождовница или од природните седименти.
По извршените анализи проценката е дека на ова место живееле 1790 жители и животни, кои вршеле мала нужда во тек на 1000 години. Како што се одело низ времето во правец на сегашноста, така концентрациите на уринарните соли се зголемувале. Ова сугерира дека човечките и/или животинските популации станувале поголеми и погусти. За жал животните и луѓето не можат да се одделат, бидејќи во моментов археолозите немаат најдено начин да направат разлика помеѓу древната човечка и древната животинска мочка.
Откако ќе се добијат повеќе податоци од Ашикли, истражувањата ќе продолжат и на други локации, но условот е тие да бидат бидат посуви, затоа што дождовите ги измиваат солите, односно ги разградуваат фините слоеви од оваа материја, која се покажува како вредна за археолозите.