Креативната агенција и галерија „Ултра Супер Њу“ од Токио и платформата за учење јазици Дуолинго се здружиле во организирање тн. Музеј на „расипан“ англиски - поставка која содржи комични преводи на јапонски предупредувања, соопштенија и ознаки во јавните простори.
„Учењето странски јазик не е лесна работа. Токму затоа Дуолинго секогаш ги прославува грешките на своите ученици, како вреден чекор кон здобивање знаење“, се вели на официјалниот сајт на изложбата. Галеријата се наоѓа во населбата Хараџуку во Токио, а посетата е бесплатна за секој што сака да се разведри со шестнаесетте најдобри примери на погрешен превод од јапонски на англиски од различни страни на оваа земја.
„Се надеваме дека кога посетителот ќе ги погледне знаците, менијата и другите изложени предмети ќе биде поттикнат да се закикоти, но и да забележи дека има поголема длабочина во овие ’грешки’ отколку што тоа е очигледно на прв поглед“, се вели понатаму на сајтот. Јазичните грешки се неопеаните херои, кои водат до закопани значења кои се достапни само кога човек ќе се загуби во преводот.
Во тек е и повик за полнење на музејот со нови примери, кои можат да се испратат на Твитер каналот на Дуолинго. Најдобрите ќе бидат изложени во „музејот“ како дополнување на постоечката поставка.
Јапонците не се познати по познавањето на англискиот јазик, па од апликацијата за учење се надеваат дека ваквиот хумористичен пристап, без осудување, ќе ги поттикне да ја симнат и да ја користат.