Наскоро и на наша врата?

УНЕСКО му го одзеде на Ливерпул статусот на светско културно наследство

Заканата стоеше уште од 2012, и еве, се оствари. Образложението е дека долгогодишниот градежен развој предизвикал „неповратен губиток“ на историската вредност на викторијанските пристаништа.

Денес, 21.7, на состанок на членовите на Комитетот за светско наследство на ОН во Кина е заклучено дека „универзалната вредност“ на пристаништето во Ливерпул е уништено со изградба на нови згради, вклучително и на новиот стадион на Евертон, и дека оттаму неговиот статус на светско културно наследство се одзема. 

Одлуката е понижувачки удар за градот, со што тој станува едно од само трите места кои го имаат загубено ваквиот статус во речиси 50 години. Другите се резерват на арабискиот орикс (вид антилопа) и други ретки видови во Оман од 2007, и долината на Елба во Германија во 2009 година откако бил изграден мост - автопат со четири ленти над самата река.

Ливерпул уживаше статус на светско наследство од 2004, кога се најде во исто друштво со Таџ Махал, Кинескиот ѕид и Кривата кула во Пиза. Заканата за отстранување од листата висеше над градот уште од 2012 кога УНЕСКО предупреди дека новите згради го промениле хоризонтот на градот и го уништуваат пристаништето како културна вредност. Властите сепак се надеваа дека до ова нема да дојде, а сега велат дека се „длабоко разочарани“ и дека планираат да вложуваат жалби.

21 јули 2021 - 13:46