
САД имаат буџетски дефицит од речиси 2.000 милијарди долари и забрзано се движи кон минус од 4 билиони годишно во рок од една деценија. Може ли растечкиот буџетски дефицит да се запре со повисоки даноци за најбогатите граѓани и корпорации, како што одамна предлагаат Берни Сандерс и други левоориентирани политичари?
Одговорот е негативен, не поради идеологијата, туку поради немилосрдните правила на математиката. Оданочувањето на богатите би можело да биде само скромен дел од поширок „голем договор“ за дефицитите.
При екстремен пример, ако биде запленет секој долар од 800-те американски милијардери, сите пари од сметките, инвестициите, резиденциите, бизнисите, автомобилите, авионите и јахтите, и ако сето тоа биде продадено по полна пазарна вредност, би се собрале средства што би биле доволно за еднократно финансирање на федералната влада 9 месеци.
Што се однесува до предлозите на Берни Сандерс, во фиктивно сценарио ако стане претседател на САД тој би можел да ги воведе сите даноци за кои се залага: федерален данок на доход до 52%, данок од 15,3% за сите плати, на капитална добивка од 62%, згора на државните стапки, потоа корпоративен данок од 35% на мултинационалните приходи, данок на богатство до 8%, на имот до 77% и нови даноци за финансиски трансакции. При такво сценарио САД би имале највисоки даноци на маргинален приход, капитални добивки, бизнис, богатство и данок на имот во развиениот свет. Сето тоа би ѝ донело на државата нови приходи од приближно 1,5% од БДП, ако се пресметаат загубите од намалениот економски раст. Тоа се многу пари, но не и доволно за да се скроти буџетскиот дефицит што се движи кон 8% од БДП во следната деценија.
Екстремните оданочувања ќе значат и многу побавен раст, што не е добар компромис за економијата.
Математичката реалност е дека едноставно нема доволно милионери, милијардери и недоволно оданочени корпорации за да се затвори 30-годишен буџетски дефицит од помеѓу 115 билиони и 180 билиони долари, во зависност од основната линија. Не е можно да се финансираат годишни дефицити што се движат до 4 билиони долари за една деценија и 14% од БДП во следните 30 години на грбот на корпорациите и само 5% од американските семејства. Едноставно нема доволно супербогати луѓе за да платат за другите 300 милиони од нас. И поголемиот дел од достапната даночна основа припаѓа на таа голема средна класа, забележува економистката Џесика Ридл од Институтот Менхетн.
Таа додава дека американскиот даночен законик е веќе најпрогресивен меѓу нациите од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Тој станал радикално попрогресивен во текот на изминатите 40 години. Една петтина од најплатените сега плаќаат 69% од сите федерални даноци, а најбогатиот 1% моментално придонесува со 25% од сите федерални даноци.
Спротивно на тоа, 60% од Американците со најниски приходи, односно три петтини од даночните обврзници, плаќаат само 13% од вкупните федерални даноци, вклучувајќи го и комбинираниот негативен данок на доход.
Минатата година федералната влада финансирала 263 дена трошења преку даноци наместо со задолжување. Од тоа, 20% од најплатените ја финансирале владата 201 ден, следните 20% обезбедиле финансии за 41 ден, а 60% од оние со најниски приходи ја финансирале федералната влада само 21 ден во годината.
Поголемиот дел од вкупниот приход на нацијата доаѓа од семејства што заработуваат под 400.000 долари. А нивните драматично пониски тековни даночни стапки значат дека големото мнозинство од достапната преостаната даночна основа е во рамките на десетиците милиони од овие семејства. На никој не му се допаѓа идејата за зголемување на даноците за средната класа. За било која партија тоа би било рамно на политичко самоубиство, заклучува Ридл.