Секс, Сталин и Шостакович: приказната за една советска опера од 1934

Овој септември во Алберт Хол во Лондон ќе се одржи концертна изведба на операта на Дмитриј Шостакович од 1934 година – „Леди Магбет од Мценската област“. Повод за потсетување на контроверзите поврзани со неа.

Операта „Леди Магбет од Мценската област“ е напишана според новелата на Николај Лесков од 1865 година и ја раскажува приказната за осамената Катерина Измајлова, која се вљубува во работникот Сергеј и е поттикната на убиство. Но композиторот Шостакович во својата адаптација вметнува две шокантни сцени: напад врз куќната помошничка Аксиња и насилна љубовна сцена меѓу Катерина и Сергеј.

Кога во 1934 година операта се изведувала во Ленинград и Москва, публиката ја примила со воодушевување. Дури и Сталин присуствувал на нејзина изведба. Но тој бил длабоко незадоволен од модерниот музички стил, излегол на половина од изведбата и наводно изјавил: „Ова е хаос, а не музика“. Два дена подоцна „Правда“ објавила жесток напис со истиот наслов, по што сите натамошни изведби биле повлечени и операта повеќе не се појавила во Русија.

По смртта на Сталин во 1953 година, Шостакович ја преработил партитурата и ја преименувал во „Катерина Измајлова“, отстранувајќи ја љубовната сцена. Во Советскиот Сојуз новата верзија била добро примена, но при турнејата во Европа во 1960-тите критиката реагирала млако, без особена желба да го прогласи Шостакович за гениј.

Во 1979 година, виолончелистот во егзил Мстислав Ростропович пронашол примерок од оригиналната „Леди Магбет“ и ја снимил со EMI, што поттикна интерес кај оперските куќи да ја изведуваат токму таа верзија, наместо „Катерина Измајлова“. Истата година излегла и книгата „Сведоштво“, прикажана како мемоар на Шостакович, која ја зајакнала перцепцијата дека композиторот го мразел советскиот режим и претрпел психолошка траума за време на сталинизмот.

Оттогаш, слушањето на неговата музика добива нов контекст: критичарите ја доживуваа „Леди Магбет“ како смела и субверзивна, а еротските сцени ги толкуваа како причина за Сталиновата навреденост. Современите режисери ги прикажуваат сцените со Аксиња и Катерина многу поексплицитно, со нагласено сексуално насилство, иако оригиналните режисери во Ленинград и Москва ги прикривале проблематичните моменти.

Сепак, вистинската причина за Сталиновото напуштање не бил сексот, туку екстремната гласност на музиката: дополнителни упатства во партитурата барале максимално силно свирење, а оркестарот бил поставен веднаш до неговата ложа, буквално оглушувајќи го. Понекогаш причината е многу едноставна а не идеолошка, дури и кога се во прашање диктатори. 

11 септември 2025 - 11:44