
Голем број автори сметаат дека импулсот за собирање започнува уште во детството. Тој претставува обид да се има контрола врз светот или начин да се одложи сознанието за сопствената издвоеност од другите. Според текстот на Жан Бодријар, кој ја отвора збирката есеи „Култури на собирање“, истата таа несвесна нарцисоидност продолжува и во зрелоста: собирањето е невротична активност, знак на враќање во детска фаза и бегство од реалните односи. Таквите луѓе, вели тој, секогаш изгледаат како духовно осиромашени.
Насловот на книгата зборува за „култури“ на собирање во множина. Дел од есеите се фокусираат на психологијата на поединецот, но многумина го нагласуваат и социјалниот и идеолошкиот контекст. Така, ренесансниот „Кунсткамер“ не бил само симбол на моќта и угледот на сопственикот, туку и олицетворение на цела филозофија – земен микрокосмос што укажувал кон Бога. Колекцијата на Рудолф II во Прага, која на историчарите им изгледала како хаотична мешавина од уметнички дела, примероци од природата и научни инструменти, била создадена со намера да ги канализира окултните сили на вселената.
И во кабинeтот на Фројд, преполнет со антички предмети, можеле да се „прочитаат“ тајни сили – овојпат како метафора за археологијата на несвесното. Фројд го објаснувал сопствениот нагон за собирање како потиснат однос со неговиот покоен татко, кого го доживувал како Дон Жуан во собирањето на жени.
Целата збирка претставува шарен колаж од информативни и провокативни идеи. Понекогаш јазикот преминува во академски жаргон и ја заматува јасноста, но богатството на содржина го надоместува тој недостаток и го прави делото вредно за читање.