Нова студија од Универзитетот Беркли сугерира дека нешто што изгледа крајно банално - колку си спиел во последно време - може да влијае врз подготвеноста да им се помогне на други луѓе. Накратко, ненаспаноста доведува до драстично намалување на великодушноста.
Истражувачите тестирале колку биле љубезни луѓето кога биле уморни на три различни начини. Во првата студија, тие оставиле без сон 21 волонтер, односно ги држеле будни 24 часа, а потоа ги запрашале колку се подготвени да помогнат во широк опсег сценарија, на пример дали би му носеле торби од пазар на непознат. Потоа од учесниците се барало да го пополнат истиот прашалник за алтруизам по нормално ноќно спиење. Истовремено, истражувачите ја скенирале мозочната активност на учесниците користејќи функционална магнетна резонанца.
Во друга студија поврзана со првата, 171 волонтер кои биле регрутирани онлајн воделе дневник за нивното спиење пред да го пополнат истиот прашалник. Во обата експеримента истражувачите дошле до заклучок дека уморните учесници покажуваат пониски резултати на скалата на алтруизмот. Ова било случај без оглед на генералните особини на емпатичност и без оглед на тоа дали учесникот требало да му помогне на туѓинец или на некој познат.
На крај, истражувачите анализирале над 3,8 милион доброволни донации во САД кои биле направени пред и откако часовниците биле поместени на летно време, што предизвикува сите да „загубат“ еден час сон. Донациите се намалиле за 10% во деновите по ваквата промена, споредено со неделите пред и по транзицијата.
Магнетната резонанца, пак, покажала дека неспиењето изгледа поврзано со намалена активност во областа на мозокот поврзана со социјална когниција, која ги регулира нашите социјални интеракции со други. Промената на мозочната активност не била поврзана со квалитетот на сонот, туку само со квантитетот. Добрите вести се дека овој ефект е краткотраен и исчезнува откако еднаш ќе се вратиме на старата шема на спиење.
Психолозите веруваат дека љубезноста и великодушноста се дел од нашата социјална когниција, сложен збир процеси кои контролираат како се однесуваме со другите и на кој начин донесуваме одлуки во однос на истото. Овие одлуки зависат од многу фактори, а еден од нив очигледно е колку добро спиеме. Останатите се нашата меморија, односно спомените на претходни ситуации на социјална интеракција; квалитетот на нашите претходни одлуки; колку сме импулсивни, и особено нашиот емоционален статус и колку добро си ги контролираме чувствата.