Во нова книга под наслов „Цезаровиот последен здив: декодирање на тајните на воздухот околу нас“ авторот на претходни бестселери од областа на популарната наука, Сем Кин, ја истражува фасцинантната историја и наука на она невидливото кое нè опкружува, а без кое би умреле за неколку минути. На повеќе од тристотини страници тој наведува голем број научни факти, но анегдоти и интересни приказни поврзани со темата, меѓу кои и следнава.
Жозеф Пујол, додека како младич при крајот на 19 век служел во франуцската војска, открил дека е способен за еден трик. Откако ќе се наведнел (повеќе: натртел) ги затворал носот и устата, ја контрахирал дијафрагмата и го зголемувал волуменот на својот абдомен. Волуменот и притисокот се поврзани обратнопропорционално: додека едниот се зголемува, другиот се намалува. Така, зголемувањето на абдоменот го намалувал притисокот внатре, создавајќи делумен вакуум. Вообичаено кога се случува ова воздухот влегува во белите дробови, но бидејќи Пујол се навалувал и си ја затворал устата, воздухот се упатувал накај „задната врата“. Така со малку вежбање тој успеал да развие необичен занает - пуштач на епски прдежи.
Целава работа ја вежбал неколку години до моментот кога без прекин можел да прди 10-15 секунди. Варирал и со тонот и со обемот на гасовите, „свирејќи“ ги како да се музички ноти. Откако ваквиот репертоар го испробал на другарите од војска, пуштил мустаќи и почнал да настапува низ земјата, под псевдонимот Ле Петоман, или Прдежоманијакот.
Публиката на неговите први настапи реагирала збунето. Но за само две години тој станал најдобро платениот изведувач во Франција, заработувајќи и по 20.000 франци по настап, повеќе од двојно во споредба со легендарната актерка Сара Бернард. На сцената се појавувал во црн сатенски смокинг со бели ракавици и црвена капа. Почнувал со имитации - невеста на првата брачна ноќ (срамежлив пуф), првите месеци во бракот (малку посилен звук, ко ракоплескање). Имитирал петли, утки, патки, оси, прасиња и куче чиј опаш се заглавил во врата. Во една сцена се појавувал со цевка во анусот, на чиј крај имало запалена цигара, која тој ја „пуфкал“, правејќи крукчиња. За финалето, со прдење ја изведувал „Марсељезата“ и со пување гасел свеќа оддалечена неколку метри.
Жените во публиката, особено оние стегнати во корсети, често толку се смееле што се случувало да се онесвестат. Еден човек доживеал инфаркт. Ова на Мулен Руж му одговарало како реклама, па театарот поставувал предупредувања за тоа колку е опасно шоуто низ градот. „Уметникот“ го сакале и интелектуалците како Реноар и Матис, а Равел го обожувал. Легендата вели дека Фројд чувал слика на Ле Петоман на својот ѕид, и се инспирирал од него додека ја развивал теоријата за аналната фиксација. Дури и кралот на Белгија дошол еднаш на шоуто, додуша инкогнито.
Авторот на спомнатата книга всушност ја спомнува оваа приказна за да анализира како Прдежоманијакот успевал да го направи она што го правел, и како воопшто се создаваат гасови во човечкото тело, кои во 99% случаи немаат мирис. И нашиот јунак внимавал што јаде пред настапите, па и неговиот прдеж не смрдел. Всушност тој воопшто не сакал тие да се толкуваат како скатолошки хумор, бидејќи го сметал за вулгарен - повеќе се гледал себеси за нешто помеѓу пејач и имитатор.
Неговата кариера била нарушена кога газдата на Мулен Руж го отпуштил заради непочитување на договор (според него Ле Петоман смеел да прди само во Мулен руж, додека овој си настапувал и за ќеф или во корист на пријатели и вон театарот), и најмил женска пуштачка на гасови како замена. Таа се покажала како измамничка - всушност не прдела самата туку притискала некакви перничиња полни воздух под облеката. По ова две години Прдежоманијакот живеел поскромно но се уште пристојно, отварајќи сопствен клуб. Сè до Првата светска војна, кога на луѓето не им било баш до вакви шоу програми, а не му било ни на Пујол, со оглед на тоа што неговите два сина биле на линијата на фронтот. По нападите со хемиско оружје во војната, комедијата базирана на гасови веќе навистина не можела да се смета за соодветна.
По војната Ле Петоман отворил пекара. Кога умрел, еден месец по големата победа по Втората светска војна, неколкумина доктори го замолиле семејството да го испитаат неговиот дигестивен систем. За жал семејството одбило. Еден од неговите синови изјавил: „Има некои нешта кои едноставно треба да се третираат со почит“.