Што прави едно „уууу“ да звучи потревожно од едно „динг!“? Како да креираш звук кој е доволно непријатен за да привлече внимание, но не до толку за некој просто да го исклучи без соодветно да реагира?
Карил Болдвин е дизајнер на „алармантни“ звуци кои секојдневно се занимава со овој проблем. Тој, по професија психолог, ги конструира звуците во лабораторија, ги тестира на човечки „субјекти“ за да види дали го пренесуваат соодветното значење, и потоа проверува дали тие се користат како што треба во домаќинствата, авијацијата, здравството и во автомобилската индустрија.
Она на што тој внимава се неколку параметри кои имаат врска со интензитетот, фрекфенцијата, движењето на звукот надолу и нагоре, и ритамот. Колку некој звук е побрз, толку тој звучи повознемирувачки. Многу е важна и фрекфенцијата, која кај алармите е висока. Повеќето возрасни луѓе можат да слушнат звук помеѓу 20 и 20,000 херци, а Болдвин користи 1,000 херци како основна френкфенција, што е на дното на опсегот на човечкиот говор. Над 20,000 херци, вели тој, алармот не звучи веќе вознемирувачки, туку како цивкање.
Важен е и бројот на тонови - за да биде сфатен како ургентен алармот треба да има две или повеќе ноти, а не да биде чист тон, „инаку може да звучи ангелски и утешно“. Пример за ова е алармот кој се активира на ТВ низ САД во случај на општа тревога:
Анализата на реакции на оние изложени на тест-звуците подразбира мерење на нивната физиолошка реакција, како брзина на отчукување на срцето, спроводливоста на струја на кожата (која е подобра кога телото е физиолошки надразнето), мозочната активност и др. Притоа идеален е оној аудио аларм кој постигнува баланс на факторот на вознемиреност и сфаќањето на итност на ситуацијата.
Опасност при голем број аларми во одредена околина (како на пример медицински установи) е што медицинските лица веќе не ги слушаат, бидејќи повеќето од нив не се индикатор на опасност. Според едно истражување од 2012, на едно одделение за интензивна нега во рок од 24 часа се активирале 1455 аларми, од кои само осум биле поврзани со потенцијално животозагрозувачки ситуации. За да го намалат ниво на стрес кое им го предизвикува ваквата аудио околина, луѓето едноставно се исклучуваат од неа, што може да доведе до сериозни последици ако нема соодветно „менаџирање на алармите“, што значи водење сметка и за комбинацијата на звуците, а не само за нив поединечно.