Грејс Џонс, Доли Партон, Грета Тунберг. Овие познати личности се сè уште со нас, но во светот на британскиот уметник Адам МекИвен тие се мртви. Тој за нив пишува некролози, ги дизајнира како да се исечоци од весници, ги печати во голем формат и ги изложува.
„Некрологот е наратив на правењето избори: во 1984 таа го направила тоа, во 87-ма го сторила тоа. Личноста создава приказна. Истото она што сите го правиме секојдневно: одлучуваме дали да се напиеме кафе или чај - овие одлуки се базирани на прашањето за тоа што сакам да направам за мојот живот да биде онаков каков што посакувам. Можеби тоа и не е толку различно од создавањето уметничко дело. Имаш контрола, дури и кога не мислиш дека ја имаш“, вели тој.
МекИвен, чии други дела вклучуваат скулптури и цртежи со пенкало, почнал да вклучува некролози во својата уметност пред повеќе од две децении. Неговите тинејџерски години биле обележани од смртта на татко му, фолк музичарот Рори МекИвен, а потоа заглавил како пишувач на вистински некролози во Дејли Телеграф во Лондон.
Истражувајќи и пишувајќи за луѓе кои направиле нешто во својот живот и споредувајќи се со нив, тој се чувствувал бескорисно. Кога добил шанса да учествува во мала групна изложба, задачата била сите уметници да направат свое дело од маица на Вивијан Вествуд. Тој одлучил на неа да го отпечати резимето на животот на Малком Мекларен, нејзиниот долгогодишен партнер. Taка, започнала серија лажни некролози, меѓу кои за Бил Клинтон и за Кејт Мос. Според него, тие ја потврдуваат убавината на новинарската форма - тоа е приказна со почеток, средина и, очигледно, со дефинитивен крај (кој во реалноста додуша уште не се случил). Нему не му е незгодно што пишува некролози дури и за млади луѓе, како Мелколи Калкин или Грета Тунберг - единствено се прашува дали тие кога ќе остарат се уште ќе бидат достојни за еден некролог на славни.
„Историјата е флуидна како и фикцијата. Таа може некого да отпише, или пак да го запише. Единственото нешто што со сигурност го знам е дека таа личност ќе умре“, вели тој.