Часовникот за чиишто карактеристики читам (Патек Филип, калибар 89) е џебен, со двојно куќиште од осумнаесеткаратно злато и врши триесет и три операции. Списанието коешто го рекламира не наведува цена, веројатно поради недостаток од простор (можеле да ја изразат во милијарди наместо во милиони лири). Длабоко фрустриран, отидов и си купив еден Касио од 50.000 лири, како и сите кои лудо посакуваат Ферари, но на крај се смируваат така што ќе купат радио-будилник. Впрочем, за да носам џебен часовник би морал да купам и елек во ист тон.
Но би можел, си велам, да го чувам и на маса. Би поминувал часови и часови знаејќи кој ден е во месецот и во неделата, кој месец е, која година, која деценија и кој век, која престапна година, би ги знаел минутите и секундите на летното време, минутите и секундите на некои други временски зони по избор, температурата, сидералното време, месечевите мени, времето на изгрејсонцето и зајдисонцето, рамнодневницата, положбата на сонцето во Зодијакот, да не зборувам колку би уживал, наежен од бесконечноста, над целосно подвижниот приказ на ѕвездената мапа или играјќи си со бројчаниците на хронометарот сè додека не заѕвони будилникот што претходно сум го наместил. Да не заборавам: една специјална сказалка предупредува дека батериите се на резерва. И уште нешто: ако баш сакам, можам да видам и колку е часот. Но што ќе ми е?
Кога би ја имал таа убавина, не би ме интересирало дали е точно десет и десет. Би ја начекувал пред сè зората и заоѓањето на сонцето (тоа би можел да го правам во замрачена соба), би се информирал за температурата, би правел хороскопи, дење на синиот бројчаник би сонувал ѕвезди кои, додуша, можам да ги видам ноќе, но ноќе би размислувал уште колку има до Велигден. Со еден таков часовник не е веќе потребно да се води смета за времето надвор, затоа што со него би требало да се занимаваме целиот живот, а времето за коешто зборува овој часовник би се трансформирало од статична слика на вечноста во вечност на дело, или би станало само една бајковита халуцинација произлезена од тоа волшебно огледало.
Го кажувам сево ова затоа што во последно време се појавуваат прилично скапи часовници (во боја и во пластична опаковка) посветени исклучиво на колекционерите на часовници. Се прашувам дали светот ги купува само за да ги прелиста, како книга за самовили, и се наменети на одредена група потрошувачи, како што понекогаш се сомневам. Тоа значи дека механичкиот часовник, тоа чудо на стогодишно искуство, станал бескорисен затоа што го замениле електронски саатчиња од неколку илјади лири; до толку овие старите ни се поскапоцени, до толку е поголема желбата со нив да се фалиме, да ги чуваме и да ги сакаме, како исклучителни вредности, тие чудесни и совршени временски машини.
Очигледно е дека овие справи не се измислени за да ни го соопштат времето кое го отчукуваат.
Поради натрупани функции кои се елегантно распоредени на бројните и симетрични бројчаници, за човек да дознае дека е три и дваесет, и дека е петок 24 мај, би требало долго и внимателно со поглед да ги следи бројните сказалки и потоа тие додатоци, по редот по кој пристигнуваат, да ги бележи во еден нотес. Истовремено, завидливите јапонски електронци, кои веќе се срамат од својата древна практичност, денес ветуваат микроскопски бројчаници кои покажуваат барометарски притисок, надморска висина и длабочина на морето; тука се уште и хронометарот, одбројувачот, термометарот, покрај банките на податоци, сите часовни зони, осум будилници, калкулаторот кој конвертира валута и знакот за точно време.
Сите тие часовници, како и целата индустрија од информации, впрочем, ризикуваат ништо да не кажат затоа што кажуваат премногу. Но оваа индустрија има уште една карактеристика: не зборува за ништо друго освен за себе самата и начинот на којшто функционира. Ремек-дело се сепак некои часовници за госпоѓи со сказалки кои не се гледаат, со бројчаник од мермер без ознака, каде часовите и минути се замислени така за во најдобар случај да покажат дека е помеѓу пладне и полноќ, можеби завчера. А што друго би правеле госпоѓите за кои е наменета (имплицитно сугерира дизајнерот), освен да гледаат во една справа која говори за сопствената суета?
Автор: Умберто Еко, 1988