Големиот модернистички роман „Улис“ излегол на денешен ден, 2.2. пред точно еден век. Но неговиот автор не бил толку заинтересиран за фонтот, преломот или за евентуалните уреднички забелешки, колку за тоа каква боја ќе биде корицата.
Како познат филхелен, тој инсистирал таа да биде во истиот тон со грчкото знаме, такво кое висело на ѕид во неговиот стан во Париз. Печатарот никако не можел да ја постигне бојата, па затоа до денот на излегувањето на книгата биле отпечатени само два примерока. Потоа Џојс се обратил до својот пријател, сликарот Мајрон Натинг, за да ја замеша точната нијанса.
Автор на текст на оваа тема во The Conversation има уште едно толкување на ваквата опседнатост на Џојс со сината корица. Тоа повторно има врска со древна Грција, специфично со структурата на „Одисеја“, но и со слепилото на Хомер. Имено, Џојс целиот живот имал проблеми со видот, за при крајот да биде речиси целосно слеп. Како што пишувавме претходно во „Од што ослепел Џојс?“, слабиот вид најверојатно се должел на прележан сифилис, а индикација за тоа се инјекциите „Галил“ којшто тој ги примал за третман на оваа болест, пред пошироката употреба на пеницилинот. Некои од познатите ликови на Џојс се исто како и тој со делумно оштетен вид. Таков е Шем од последната книга „Финегановото бдеење“ (1939), кој во една сцена чита „бескорисно нечитлива Сина книга“ во „глаукомска пештера“.
На старогрчки „глаукос“ е име на синкаво-зелена или синкаво-сина боја. Зборот е исто така во коренот на „глаукома“, очно „перде“ или замаглување на видот. Така, „Улисовото сино“ е можеби асоцијација на глаукомата. А поврзано со грчкото знаме, можеби значи дека Џојс сакал да се вброи во канонот на слепите писатели, заедно со големиот Хомер?
Оттаму, секаква друга боја или дизајн на корица на оваа книга, во кој и да е превод, веројатно би биле погрешен избор и непочитување на желбата на нејзиниот автор.