Кевин Бирмигнем е авторот на „Најопасната книга: борбата за Улис на Џејмс Џојс", во која ги истражува контроверзите околу објавувањето на ремек-делото на ирскиот писател. Во освртите кон оваа најнова биографија се вели дека Бирмингем „го превртел секој камен" за да дознае што би можело да е причината за влошувањето на видот на Џојс. Вниманието особено му го привлекло споменувањето, во две одделни писма на Џојс од 1928, на инекции арсен и фосфор кој ги примал. Всушност се работи за инекции „галил", кои во тоа време се давале за третирање на сифилис, бидејќи пеницилинот почнал пошироко да се употребува за оваа цел дури во 1940-тите.
Болеста Џојс ја добил најверојатно заради неговите чести односи со проститутки, со кои почнал да „остварува средби“ на 14 годишна возраст. Иако не се знае кога точно бил заразен, познато е дека во 1907, кога имал 25 години, неговата лева рака веќе била речиси парализирана, имал чести гнојни инфекции во устата, а страдал и од несоница и од напади на нервоза.
Болеста го преокупирала авторот - во неговиот расказ „Сестри", дел од „Даблинци", тој зборува за смрт на свештеник кој страдал од болест која „му го пореметила умот", што може да ги претставува последните фази од сифилис. Во Улис пак пишува: „Испратете го сифилисот во пеколот, а со него и оние заболени души", предупредувајќи дека Даблин и неговите жени со лоша репутација се „постојана смртоносна стапица за младите момчиња".
Според Бирмингем ваквата дијагноза дава сосема поинаков поглед на авторот, бидејќи без неа писмата на Џојс изгледаат како на некој хипохондрик. Вистината е дека тој навистина страдал, но умешно го криел тоа од јавноста.
Книгата ќе излезе на 16. јуни, попознат како Блумсдеј, денот кој во Даблин е посветен на одбележување на ликот и делото на Џојс, затоа што дејството во Улис се одвива токму во текот на овој ден, но во 1904. Тоа е всушност датумот кој Џојс го одбрал затоа што тогаш прв пат излегол со неговата девојка, а подоцна и сопруга Нора Барнакл.