На 14 јули 1952 црномурест маж излегол од просториите на Американското здружение на физичари и со смирен глас рекол - „Повикајте брза помош, тукушто застрелав девојка". Потоа полека заминал на воз, а збунетатата толпа се собрала околу 20-годишната секретарка, Ајлин Фејхи, која истиот ден починала од здобиените рани.
Во текот на истрагата, додека полицијата и јавноста се обидувала да го открие мотивот за убиството, најчесто бил спомнуван некаков љубовен триаголник. Но убиството немало врска со љубов, туку со - електрони.
Кога во весниците излегол цртеж на осомничениот, еден од професорите на Универзитетот Колумбија веднаш го препознал. Човекот на кого му предавал во 1946 се викал Бајард Пикс и студирал на Универзитетот во Бостон, а потоа служел во воздушните сили на американската армија, од каде бил отпуштен заради шизофренија. Никогаш не ги завршил неговите студии, но се интересирал за електроника, и имал развиено свои теории на оваа тема.
Во 1948 тој испратил статија од 33 страници до Американското здружение на физичари, под наслов „Значи, ја сакате физиката". Текстот почнувал со - „Дали знаете дека електронот никогаш не постоел? Тогаш прочитајте ја оваа книшка и станете брилијантен".
Рецензентите го одбиле текстот. Но Пикс не се обесхрабрил, туку направил 6,500 копии од него и ги испратил на илјадници членови на здружението, вклучително и на Ајнштајн. Неколку години подоцна, тоа му овозможило на Пикс да одржи говор на нивен состанок, иако го одбиле неговиот текст. Всушност, според политиката на здружението секој член, но и секој говорник кој би бил поканет од страна на член, имал (и се уште има) право на 10-минутен говор во посебна сесија. Ова правило било воведено од физичарот Луис Алварез, кој подоцна ќе открие дека астероид ги убил диносаурусите. Според него никој, па ни Пикс не смеел да биде цензуриран.
Така, изгледало дека тој го добил она што го посакувал. Но доволно интелигентен да сфати дека сепак не го земаат за сериозно, тoj купил пиштол и тргнал да ги бара неговите непријатели во естаблишментот. Кога не нашол никој од нив по канцелариите, ја убил eдинствената личност којашто била таму - секретарката.
Кога бил уапсен Пикс изјавил дека бил пресметлив во моментот на пукањето, а го знаел и следното - дека ако убиеш физичари затоа што ти ја отфрлиле теоријата, сосе таа информација ќе ти биде промовирана и теогријата. И бил во право. По овој настан сите чуле за неговите псевдонаучни идеи. Сите го знаеле насловот на неговиот текст. Станал славен. На горната мета-новинарска фотографија, тој се смее додека држи друг весник чиј наслов зборува за убиството.
Пикс умрел во 2000, а електронот и понатаму е жив, не премногу потресен од она што Пикс или ние мислиме за него.