Филхармонија од отпадот

Убавина среде ѓубре

Во пресрет на акцијата за правење елка од пластични шишиња во Градскиот парк, погледнете го трејлерот за Landfill Harmonic, трогателен филм за еден специјален оркестар од Јужна Америка, целосно составен од инструменти направени од - ѓубре.

„Рециклираниот оркестар" го има создадено Фавио Чавез, еколошки техничар на отпадот близу парагвајскиот главен град Асункцион. Ѓубрето од над двата милиони жители (колку цела Македонија, со 1,500 тони ѓубре дневно) завршува на депонијата Катеура, во чија близина живеат семејства кои преживуваат собирајќи го корисниот отпад и продавајќи го. На Чавез му текнало дека токму од овој отпад е можно да се направат и инструменти, на кои свират децата од овие семејства.

Приказната за овој необичен оркестар го обиколи светот уште пред четири години, кога тој прв пат јавно изведе концерт на Хендл, прекинуван од лаежот на кучињата и брмчењето на ѓубреџиските камиони на отпадот. Заслужен за ова, покрај Чавез, е и Луиз Заран, светски познат диригент, кој основал музичко училиште во најсиромашниот дел на Парагвај, земја во која третина од вкупно шесте милиони жители преживува со помалку од едно и пол евро дневно. За целата приказна сега Греам Таунсли снимил документарец. Еве го трејлерот. Хајлајц: „Освен ѓубре, треба да внимаваме на отпад да не фрламе и луѓе“.



15 декември 2012 - 10:25