Изложба во Британската библиотека

Убава наука: историја на визуелното прикажување податоци

На 20. февруари во Лондон се отвори изложба на која се прикажани историски релевантни графички прикази на научни податоци. Еден од примероците е дијаграм на Флоренс Најтингејл, кој прикажува како нехигиената во болниците убива повеќе војници отколку Кримските битки во кои тие биле ранети.

Визуелизацијата секогаш била значајна за научниот напредок, но и за презентацијата на откритијата на нестручната публика, која кога нешто ѝ е нацртано може полесно да го разбере. Едноставно, цртеж на „пита" поделена на парчиња во различни бои е многу поразбирлива отколку некакви таблици полни со бројки. Економистите Артур Бриг Фаркуар и Хенри Фаркуар во 1891 го објасниле ова на следниов живописен начин: „Еден обемен куп цифри го снеможува окото, а просечниот ум е способен за извлекување корисни поуки од него исто онолку колку што може да извлече сончеви зраци од краставици".

Клучно, на пример, за Францис Крик и Џејмс Д. Вотсон да ја откријат структурата на ДНК била ренгентската кристалографија на Розалинд Френклин, чии слики им овозможиле визуелизација на начинот на кои молекулите на ДНК се подредени во двоен хеликс. Крик и Вотсон потоа ја добија Нoбеловата за ова откритие, но Френклин не беше вклучена.

 

Секако, убедливоста на визуелизациите, кои се такви затоа што се така шарени и убави, во себе ја крие и стапицата на (не)намерната манипулација. Горниот график од 1951, на пример, ја покажува ефикасноста на три антибиотика (пеницилин, неомицин и стрептомицин) врз 16 видови бактерии, при што најзначајна варијабила е минимумот концентрација на лекарството која го спречува развојот на одредена бактерија. Вил Бартин, креаторот на графикот, одлучил во прв план да ја стави споредбата на антибиотиците, а не да ги групира бактериите според нивната споредбена чувствителност на лекарствата. Ама да направел така, тогаш немало да бидат потребни дури 33 години за Diplococcus pneumoniae, која според графикот е групирана заедно со грам негативни бактерии затоа што исто како и тие реагира на некој антибиотик, да биде препознаена како стрептокока, грам позитивна бактерија, со што биле одложени и ефикасните методи за третирање на некои инфекции предизвикани од неа.

 

Историјата на визуелното претставување податоци е всушност историја на нашето разбирање на себеси и она што нè опкружува, рационализирање нешто што на прв поглед делува хаотично, барање ред во безредието. Од мапата на која Џон Сноу во 19. век во тек на 11 години ја испитувал поврзаноста на колерата со температурните промени во Лондон (слика горе), па до прекрасните визуелизации на биолошки податоци на Мартин Кржвински, чиј „Круг на животот" (доле) ги претставува геномите на човекот, шимпанзото, глушецот и рибата, покажувајќи колку генетски материјал делиме со овие видови, сите тие ја оправдуваат онаа старата - дека една слика вреди илјада зборови. Иако и со нив, исто како и со зборовите, треба да се биде внимателен.

 

11 март 2014 - 08:49