Пред илјада години домородните северноамерикански племиња користеле и тргувале со листови јопон - растение чии листови содржат кофеин, од кои правеле „црн пијалок“ наречен касина. Го користеле и при ритуали за прочистување, што довело и до неговото латинско име Ilex vormitoria, или билка од којашто се повраќа. Бидејќи јопон нема такви еметски својства, односно не предизвикува повраќање, се работи или за забуна, или за намерно искривување на вистината - племињата најверојатно додавале други супстанци на ритуалните пијалоци, или пак биле обучени да повраќаат течност доколку се препијат.
Се смета дека главен во оваа забуна/завера бил Вилијам Атон, кралски градинар кој бил еден од најбогатите и најмоќни луѓе во Британската империја. Легендата (која и не звучи толку неверојатно) вели дека тој, подмитен од Источно-индиската компанија која имала светски монопол на трговијата со чај, бил подмитен да го исхејта „јопонот“ и да му го уништи угледот, за луѓето во европските колонии да се префрлат на чај.
Тоа и се случило. Патувајќи низ Северна Каролина во 1775, природонаучникот Вилијам Бартам запишал дека Чироките го нарекуваат јопонот „сакано дрво“, а дека раните доселеници го извезуваат во Европа. Но за разлика од ботанички сродната „херба мате“ од Јужна Америка, чија традиција и денес е силна, касината по масовните доселувања почнала да биде потиснувана од пијалокот што пуристите меѓу нас го нарекуваат „вистински чај“ - направен од грмушки од родот камелии.
Чарлс М. Хадсон, во книгата „Црн пијалок: домородниот американски чај“ има и едно поинакво толкување на погрешното мислење дека касина предизвикува лошење - нашата подготвеност да ги преувеличуваме бизарните и егзотичните аспекти на културните практики на Индијанците. А во однос на нејзиното излегување од мода, вели дека касината била толку широко распространета помеѓу сиромашните, што станала симбол на ниските слоеви - за разлика од аристократската аура на чајот.
Сепак, фактот дека јопонот е автохтона северно-американска билка сега предизвикува интерес кај историчарите, ботаничарите и одгледувачите, кои сакаат да му го вратат сјајот на овој пијалок кој ги одржувал луѓето будни пред чајот и кафето. Црната и зелената варијанта стануваат популарни во американски ресторани кои се фокусираат на локално произведена храна. Вкусот на јопонот е сличен на чајот, иако е посиромашен со танини, па оттаму и не е проблем ако инфузијата стои подолго во водата (не загорчува и не менува боја).
Останува уште некој да ни донесе, да пробаме..