Еден од десете комерцијално најуспешни филмови на 2015 беше „Марсовецот" на Ридли Скот, базиран на истоимената книга на Енди Вир од 2011, којашто тој најпрвин ја објавил со сопствени средства, за подоцна да стане бестселер. Приказната го следи астронаутот и ботаничар Марк Ватни, додека тој се обидува да преживее, оставен сам на Марс, по евакуацијата на неговите колеги заради бура.
Марк преживува не само заради непресушниот оптимизам, туку и заради знаењето и вештините, од тоа како да одгледуваш компири во вселената (што подразбира и да знаеш како да добиеш вода за нив), до како да патуваш со денови по површината на планетата до саканата цел со возило паднан на земско фичо, а притоа да не замрзнеш и да не застанеш во некоја марсовска..хм..недојдија. Секако, на крај не изостанува и пожртвуваноста на целиот тим, кој се враќа буквално да го „собере" колегата, ко да е вселената автобуска на Рекорд.
Вир, авторов на приказната, е син на физичар, со знаење од компјутерско инженерство. Започнал со пишување во 2009, паралелно истражувајќи во оние области кои би го направиле неговиот роман што е можно пореалистичен и базиран на постоечката технологија. Можеби токму затоа што во неа нема роботи што титкаат, или вселенски чудовишта, книгата му е одбивана толку многу пати што тој одлучил да ја објави сам на Амазон Киндл, за минималните 99 центи. Откако се продала во 35,000 примероци за само 3 месеци, издавачите малку се премислиле.
Причината зошто книгата им се допаднала на многумина е што таа, како и филмот, успева да комбинира технички детали кои ги задоволуваат гиковите, но истовремено е доволно питка за и оној кој врска нема што е тоа „хидразин" да сфати дека од оваа запалива течност слична на амонијак може да се добие вода (и патем, да си ја подобри општата култура во оваа област).
Ваквиот под-жанр на научна фантастика има и име - „тврда", и главно се однесува на мисии на човештвото на други планети. Раководени од генералната идеја на „што би било кога би било" но и како би се извело тоа нешто (во смисла на детално планирање на логистиката, и предвидување на сите можни проблеми по патот), овие замислени вселенски патувања не се само инспирирани од она што го работи НАСА и сродните вселенски агенции во светот, туку и обратно, тие се инспирација за умовите кои ги планираат реалните вселенски екскурзии.
Една од новите книги на слична тема е онаа на Ким Стенли Робинсон, автор на серијата романи за Марс во 1990-тите, под наслов „Аурора", која се однесува на вселенско патување до Тау Цети, според авторот најблискиот ѕвезден систем каде може има услови за човечки живот. И тој се раководи од идејата дека во нарацијата не смее да има некакви магии и ворп-ови, туку таа да биде претпоставка како со денешното знаење и технологија луѓето навистина би можеле (или не) да стигнат до оваа дестинација и тоа во текот на неколку генерации, бидејќи патот би траел околу 200 години.
Ваквите приказни се толкуваат како антидот на дистописките визии на пропаднатата човечка цивилизација, или барем алтернатива за бегство од неа, кога би дошло до ваква пропаст. Не се работи само за градови покриени во прашина и згради со скршени прозорци кадешто луѓето се ставени во ситуација да се вратат на првобитниот степен на дивјаштво за да преживеат. Ниту пак во сето ова има некои длабоки метафизички пораки, како во на моменти тешко разбирливиот „Интерстелар". Тоа дека човек може да се снајде сам во контекст кој е далеку понепријателски настроен од било која локација која обично се бира за реалните ТВ шоуа од типот на „Срвајвл", дава верба во тоа дека знаењето се исплати, но и дека во таа борба сепак сме упатени кон другите луѓе, без кои ваквиот опстанок не е можен ниту психолошки ниту физички.