Toме те збори низ град: интересната приказна зад еден познат коктел

Именуван според „местенка“ што била модерна во Њујорк во 1874, „Том Колинс“ и до денес останал еден од класичните коктели со џин.

50 мл џин
20 мл свежо цеден сок од лимон
шеќерен сируп
гарниран по желба

Ова е многу едноставниот а освежителен рецепт за коктелот „Том Колинс“, кој прв пат се појавил во книгата „Прирачник за шанкери“ од 1876 од авторот Џери Томас. 

Многумина од тогаш се прашуваат - кој бил побогу Том Колинс? Со неговото име е поврзана местенка која била модерна во Њујорк две години пред официјалната појава на рецептот. Според легендата, тој бил бучен и насилен човек кој седел по кафани и зборувал гадости за секого што ќе го сретнел, па дури и за оние кои не ги познавал.

Среќа имале оние жртви на гневот на Колинс кои имале добри пријатели, кои веднаш им јавувале дека таков и таков човек седи таму и таму и зборува против нив. Вообичаена реакција била оговараниот во моментот да стане од астал и да оди во посочената кафана, каде уште од врата почнувал да вика „Каде е бре тој Том Колинс?“. Тука другарите позади него почнувале да паѓаат од смеење, затоа што Том Колинс едноставно не постоел. Името било дадено од ракав, но целиот случај станал познат како „Големата Том Колинс измама“ од 1874, за чии жртви редовно пишувале медиумите-сеирџии.

Две години подоцна, инспириран од местенката се појавил нов пијалок именуван според неа. До 1878, Том Колинс бил сервиран во барови низ цела Америка, преминувајќи ги нејзините граници. Така непостоечкиот Томе станал постоечки. Барем оној во чаша со мраз и лимонче.

Има и алтернативна приказна, според која коктелот бил именуван според извесен Џон Колинс, главен келнер во хотелот Лимерс во Лондон. Ова со оговарачот Том е многу, многу поинтересна верзија. 
 

13 јуни 2023 - 17:30