Порцеланскиот трон како место за културна надградба има долга традиција, а книжарницата Барнес и Нобл има составено и листа на пет „најдобри книги за читање во тоалет“, идеални за пополнување на слободните 10-тина минути (хинт: „Како се прави оригами од тоалет хартија“).
Книгите имале свое место и во тоалетите од 18 век, но тие не биле секогаш за читање, туку служеле за софистицирана камуфлажа. Таков е oној кој се наоѓа во Хофкамер, дел од комплексот Ден Фолсак во Антверп, Белгија, која создава илузија дека не сте во тоалет туку во библиотека. Дизајнер бил архитектот Енгелберт Баетс, кој за сопственикот на зградата осмислил ВЦ полно со лажни „полици“ направени од кожа и од дрво, кои завршуваат со куп „книги“ на подот, врз чиј врв има дупка. Boekentoilet, или „книжниот тоалет“ всушност затскрива потрадиционална шоља, а истата може да се види при тури низ зградата, од јуни до септември. Сепак, користење на ова конкретно ВЦ од страна на посетителите не е дозволено.
Други „книжни“ тоалети биле поедноставни и мобилни, иако и малку пооткачени. Еден направен во Франција околу 1750 изгледа како гломазен том, но внатре содржи капак на расклопување, што од „книгата“ создава кутија за олеснување. Работата е уште посмешна ако се знае дека на „грбот“ на книгата пишува - „Историја на Холандија“.
Овие тоалети најверојатно биле правени од остатоци од постари книги кон кои француските производители немале баш некој фетишистички однос - тие ги сечеле и рециклирале за други продукти, како кутии за документи или за чување чај. Или за вакви подвижни ВЦ-иња чија надворешност ја криела нивната вистинска, органска функција.