Како и сите професии кои „работат со луѓе", и на продавачите не им е секогаш лесно да излезат на крај со различните табиети на муштериите, кои често или аздисуваат или не знаат што сакаат, или двете. Особено е интересно во книжарниците, во кои освен родители во потрага по учебник или студенти по формулар за упис, влегуваат и љубители на книгата. Е, ама не се сите исти, вели Стефано Бени, италијански сатиричар, поет и новинар. Еве ја неговата замислена класификација.
Тип: Изгубен читател
Овој вид читател нема никаква блискост со книжарниците. Таму влегува само еднаш или два пати годишно, понекогаш еднаш или два пати во животот. Се препознава по преплашениот и смотан изглед на ученик кој се плаши дека секој миг ќе го кренат да одговара. Чекори меѓу купиштата книги како меѓу бодликава жица или грмушки капина. Од време на време можете да го изненадите додека чита наслов на некоја книга со истиот загрижен израз со кој би гледал рендгенска снимка од сопствениот р'бет. Се насмевнува само кога ќе види дека на некоја корица се појавува лице на некоја од телевизиските личности. Ако во тој миг, од сожалување, му се приближи вистински продавач со ираз на лице кој е доволно охрабрувачки да не го натера на бегство, изгубениот читател ќе му упати едно од следниве прашања:
- Ќе ми дадете книга со корица на која има една жена а во насловот го има зборот „љубов"?
- Ќе ми дадете книга за еден кој не чита (Прашање на кое повеќе од еден продавач реагира со епилептичен напад)
- Ќе ми ја дадете книгата која ја држи во рака онаа жената од рекламата за сируп против кашлање?
- Ќе ми ја дадете книгата која се вика Кафкиниот процес, но не го знам авторот?
- Дајте ми книга која е прва на ранг листа.
- Дајте ми тринаесет книги да чинат вкупно дваесет евра, за тринаесет божикни подароци, но бргу, немам време за губење.
Каква книга и да купил, со голем стрес и напнатост, кога ќе излегува низ електронската врата против кражба, алармот ќе засвири. Десетина продавачи ќе се обидуваат да го размагнетираат, но ќе биде залудно, и изгубениот читател долго ќе биде изложен на јавен потсмев. Неговата веќе оскудна склоност кон влез во книжара ќе излезе масакрирана од ова ужасно искуство. Работата е што тој, читателот, го покренал алармот, а не книгата! Случаите на намагнетизирани читатели одамна ги проучуваат лекарите, издавачите и физичарите. Според едни би можело да се ради за алерија на амбиент, според други за одмазда на книжевните тролови: но уште никој не успеал да ја разоткрие мистеријата.
Опседнат читател
Ужас за секој книжар, читателот О. се препознава по многу дебелите наочари, одлучниот чекор и ливчето кое го држи во рака. Тој читател бара со месеци, години, можеби од раѓање, книга која не може да се најде, и во тоа трагање веќе го има потрошено целиот живот. Но не се откажува. Книжарот, откако го консултира своето сеќавање и компјутерот, му соопштува дека немаат ниту еден сличен наслов.
„Жал ми е, господине, но Вашата книга е невозможно да се пронајде"
„Фала", вели читателот. „Ќе се вратам утре".
Во тој миг хипотези има многу:
а) читателот е луд
б) читателот О. има куп слободно време
в) читателот О. е провокатор кого го пратила конкурентската книжарница
г) читателот О. по вокација е гњаватор.
Неодлучниот читател
Читателот Н. влегува во книжарница, бира книга, ја остава, повторно ја зема во рака. Ја менува за четири џепни изданија. Оди кон касата, се кае, ги враќа џепните книги на нивното место, рушејќи цел куп други, и ги заменува со една ептен скапа книга за уметност. Долго ја прегледува, со жален изглед. Ја враќа на место и зема два туристички водича за Камарг (Франција). Оди на каса, застанува во редот, но кога доаѓа до касата, одеднаш се извинува, се враќа назад. И за читателот Н. имаме неколку хипотези:
а) би сакал да купи сè, но нема доволно пари
б) не сака да купи ништо, ама надвор врне
в) заљубен е во касиерката
г) луд е
д) книгата која ја бара му служи да ги потпре ногарките од масата
ѓ) тоа е всушност маскиран читателот О., и бара книга за грегоријански песни затоа што не е убеден дека доволно ја барале
е) по вокација е гњаватор.
Читател ентузијаст
Овој читател, наречен читател Е., влегува во книжарница како во своја куќа. Насмевката со која ги поздравува продавачите е негово знаме. Стоејќи, тој не води сметка за другите муштерии, почнува да чита сè на што ќе наиде. Некои книги ги истакнува со бучна смеа, или ги коментира читајќи им делови на присутните. На одделението за стрипови залегнува на подот и со часови чита. Понекогаш носи и ужинка. Купчиња трошки во некое издание е знак за тоа дека поминал дента.
Ако читателот Е. види еден нормален читател несигурен околу купувањето, го напаѓа од грб и го тера да да ги прочита внатрешните страници на кориците со рецензии, покрај биографиите и одбраните извадоци. Неговиот поттик на купување е многу упорен, и него не го поседува ниту еден продавач. На одделението за уметност минува часови и часови, и неретко и во време кога книжарницата е затворена можете да го најдете скриен на одделението за џепни книги, додека со преколнувачки поглед вели: „Ве молам, при крај сум". Сè на сè, тоа е страстен и весел читател, со само една маана: речиси и да не купува книги, не се знае дали заради сиромаштија, генетски недостаток или идеолошки избор.
автор: Стефано Бени