Берлинските клубови од 1920-тите имале необичен систем за комуникација помеѓу гостите. „Рези“ (скратено од Резиденц-Казино) и „Фемина“ биле големи сали за забава со бенд во живо и подиум за играње кој собирал 1000 луѓе. Но истовремено тие имале и развиен систем на телефони и пневматски цевки кои овозможувале анонимно флертување помеѓу гостите.
Медиумите од тоа време, дури и американските, го опишувале Рези како „спектакуларен“, со голема фонтана во различни бои која исфрлала вода во ритам со снимена симфонија. „Џет-балетот“, како што се нарекувал, бил воведен во 1928 и привлекувал голем број посетители. Сепак, како најголема атракција се спомнуваат точно телефоните.
Тие биле фиксирани на поединечни маси, а над нив имало неонска светилка со означен број. Ако ви фател око некој од посетител(к)ите или обратно, ако од таму некој сигнализирал со значаен поглед, доволно било да го забележите бројот и да свртите на него. Во 1931, на кулминацијата на ваквото флертување во ноќните клубови во градот, весникот Берлинер Херолд го опишал процесот: „Телефоните зујат, русокосата или ѕифт црната или црвенокосата го креваат телефонот, никој веќе не е сам и забавата се удвојува“.
Во „Фемина“, поголемиот од двата клуба, имало над 2000 седишта, два големи бара, три оркестри и хидрауличен (подвижен) подиум за игра. Низ салата биле поставени 225 телефони, со инструкции на германски и англиски.
За оние премногу срамежливи за да одговорат на повикот, пневматските цевки нуделе совршена алтернатива. Тие биле вградени во рачките од столиците, по една на секоја маса. Клубот обезбедувал парче хартија за пишување на белешката. Гостите само требало да специфицираат каде сакаат да биде испратена. Нешто како денешното испраќање пораки на чет, ама со цевки.
Во раната фаза имал женски „контролори“ во централата кои ја проверувале содржината и истата ја цензурирале ако ги минувала границите на добриот вкус. Но на овој начин можеле да се испраќаат и други нешта, не само пишани пораки, како мали парфемчиња, мапи со дестинации за ветени патувања, па дури и - кокаин.