Така не зборуваше Заратустра

Можеби е заради неговиот карактеристичен мустаќ, или е до фактот дека зборувал во афоризми лесни за цитирање, ама Ниче е еден од најзастапените филозофи во поп-културата. Истовремено е и најнесфатениот.

„Бог е мртов“, „Нема факти, само толкувања“, „Oна што не ме убива, ме прави посилен“...Фридрих самиот си го барал кога ги напишал овие реченици, кои се лесни и за памтење и за вадење од контекст. Од „Јаже“ на Хичкок, преку „Малата госпоѓица Сајншајн“, па до „Вистински детектив“, американската поп култура го има претворено германскиот филозоф во икона на лут нихилист со комплекс на супериорност.

Долното видео претставува истражување на овој феномен, илустрирано со извадоци од куп филмови во кој Нич, Нитче, Ничи (или како и веќе да го изговараат различните актери, никако да го погодат) се цитира во контексти кои се далеку од изворните идеи на човекот кој промовирал лежерност, меѓучовечка љубезност, моралност и уште моралност, чии омилени пијалоци биле изворска вода и какао (за што пишувавме тука) и кој да живеел денес сигурно би постирал забавни и поучни твитови.

Тој навистина рекол дека Бог е мртов, но притоа мислел на „мртвиот“ морал на западот кој во религијата бара морален компас. Рекол дека нема факти само толкувања, но притоа зборувал пред сè за моралните норми, кои се разликуваат и во различни култури, и во различни времиња, па оттаму и не можат да се третираат како непобитни факти. Рекол и уште многу работи кои папагалски се цитираат кога некому тоа му одговара. А ако после некоја изрека кажете дека е на Ниче, таа веднаш добива на авторитет (исто како „стара кинеска“). Значи, како што рекол Ниче - погледнете го видеото.

3 ноември 2016 - 15:32