Како и многумина од нас, Ерик Јаросински почнал да твита како начин да одбегне да работи. Во јануари 2012 овој доцент по германски на Универзитот Пенсилванија се мачел да напише книга. Темата му била супер: транспарентноста како метафора во современата германска култура. Она што тој не можел да го поднесе било јазикот. Неговите сопствени реченици. Тие биле долги, сложени и полни со непотребни зборови, како „веројатно", „до некаде" и сл. Неколкумина колеги можеби би ја прочитале книгата, но не би уживале во неа. Секогаш кога Ерик ќе седнел на компјутер да пишува, запаѓал во криза.
Пишувањето твитови од друга страна било радосно искуство. Ги праќал од телефон, не од „проклетиот" лаптоп каде стоела недопишаната книга. Во текот на следните две години, и по 30,000 твита, Јаросински веќе развил препознатлив, остар твитер глас. „Во Старбакс нарачувам на име на Годо и после си одам." или „Прво како трагедија. Потоа како фарса. А потоа како трагедија-фарса-банана фрапе". Неговиот твитер профил @NeinQuarterly го носи мотото „Компендиум на утописка негација", а како аватар го користи портретот на германско-еврејскиот филозоф-социолог-музиколог Теодор Адорно, со едноставен натпис „Не" (Nein).
Иако асоцијации на филозофијата на Адорно и на други филозофи има во речиси во секој од твитовите, кои Јаросински ги пишува де на англиски де на германски, тоа не значи дека треба да имате јако филозофско образование за да уживате во нив. Во репортажа за Њујоркер тој објаснува дека неговата твитер активност била поттикната од фрустрацијата дека долго време не објавил ништо „сериозно" во професијата, што било услов да напредува. А токму тоа, сериозното во академските кругови, го одбивало. Ја сакал радикалната, игрива страна на германските мислители како Маркс, Ниче, Кафка и Адорно, но неговите колеги го славеле нивното дело со „тешка трезвеност" која граничела со обожување. Затоа на своите твитови тој најпрвин ставал хаштаг #failedintellectual (пропаднат интелектуалец), за потоа да сфати дека овој начин на комуникација го ослободува, и му помага да се сети на она што го привлекло кон германските филозофи, чии дела се на граница на литература, и се полни со - афоризми.
Според Јаросински она што чини еден добар твит е начинот на кој тој изразува некаква контрадикција. „Пишуваш натпис за карикатура која не постои. Тоа е стариот трик на култниот Гери Ларсон (авторот на The Far Side). Она што се прави во стрип или во карикатура е да го подготвиш читателот за моментот кој следи, a тоа всушност да не е претставено". Добар ден на Твитер за него е кога ќе открие „нова структура" која може да ја употреби по неколку пати, да си игра со неа како со детска играчка. Но во неговиот случај од играчка излегла - книга. Двајца германски издавачи му нарачале книга афоризми, а престижниот неделник Ди Цајт го поканил да учествува на колегиум на кој се анализираат содржините на новиот број. Тој дошол, театрално го отворил весникот пред вработените, се намрштил и со остар тон на германски рекол: „Вашите текстови. Премногу се долги."
Ова толку им оставило впечаток на главните во весникот што тој сега ќе пишува неделна колумна со хумористични текстови со должина на твитови во него. Покани му стигнуваат и од други медиуми. Иако е благо вознемирен од ваквиот развој на настаните, особено кога од него се очекува да пишува подолги текстови, тој сепак наоѓа утеха во следново - со речениците кои научил да ги пишува на Твитер можат да се пишуваат и цели пасуси.