Празничен филозофски готвач

Сенфот на Кант и сладоледот на Ниче

Ако ви се здосадени стереотипните новогодишни посластици, а сакате истовремено да ги импресионирате гостите со вашето познавање на филозофијата, еве предлог-празнично мени, базирано на она што го јаделе познатите филозофи, или на нивните ставови кон уживањето. Комбинацијата Ниче/Сартр ни се гледа доволно разумна - цигари и седативи со изворска вода. 

„Добриот живот не се состои во пијанки и во бескрајна бучна прослава, ниту во уживање со момчиња и жени, и во сè што ни нуди раскошната трпеза, туку во разумност којашто ги испитува причините заради кои нешто треба да се одбере, а нешто друго да се одбегнува"

Епикур

„Филозофски готвач" е дело на двајца германски автори - Маријана Рирмајер е водителка на Баварското радио и телевизија, на емисии кои имаат врска со патувања и кулинарство, а Петер М. Штајнер е доктор по филозофија. Нивната заедничка книга зборува не само за храната како таква, туку и за задоволството и уживањето поврзано со неа, нешто што филозофите сметале дека треба да се образува, за да биде како што треба.

Како во некаква вонвременска кујна полна тенџериња што се крчкаат, тепсии со меса што фаќаат коричка и благи што пливаат во шербет, авторите на оваа книга се обидуваат да испитаат можната врска помеѓу мислењето и јадењето. Какво вино оди со читањето на Платон? Дали со Русо оди млако млеко, а со Кант колбаси со сенф? И какви биле воопшто ставовите кон храната на овие мислители?

Додека Платон бил воздржан кон храната и пијалокот, Епикур кој, што би рекол Бордејн, од своето тело на сакал да направи храм туку луна парк, велел: „Потеклото и коренот на сето добро е задоволството на стомакот, со него се поврзани и мудроста и суптилноста". Раскошните ароми и мириси на античката кујна во мрачниот среден век ги замениле кашите од житарици и долготрајните постови. Во 11 век кај аристократите се случиле значајни промени во обичаите, а и дамите се поканети да седнат на маса. И понатаму се јадело со прсти, но не со цела дланка, туку со само три прста. Просветителите на 18 век пак имале различни ставови кон исхраната - додека Жан-Жак Русо ја фалел праисконската состојба на човештвото и бил за поедноставна храна, како свежо млеко, овошје и зеленчук, Волтер ги дочекувал гостите со мисирка полнета со печурки „мека како гулапче, и масна како владика".

Најдисциплиниран помеѓу филозофите сепак изгледа бил Кант. Станал професор дури во 50-тата година, не бил оженет, имал еден слуга и една готвачка. Дневната рутина ми била војничка - точно во 13 часот ручал, а ако имало гости нивниот број морал да биде меѓу три и девет, „под бројот на грации, но не над бројот на музи". За жени немало место на неговата трпеза. Омилено јадење му било динстано месо, а негов специјалитет бил сенфот. Сепак, сè требало да биде умерено, затоа што според него „Ако е телото ненахрането, тогаш тоа не може да го носи духот; ако е прекумерно нахрането, тогаш духот не може да го поднесе телото".

Ниче се грозел од досадната германска кујна. Најмногу сакал сладолед, исто како што се раскажува и за Александар Македонски, Хипократ и за римските цареви. Сепак, со оглед на здравствените проблеми и слабите примања, најчесто пиел изворска вода и какао.

Егзистенцијалистите биле рамнодушни кон „добриот живот". Сартровите „оброци“ во тек на 24 часа биле: две кутии цигари и голем број лулиња, литар алкохол, 200 мг амфетамини, 15 гр аспирини, барбитурати, седативи...Ваквиот негурмански став, како и прагматизмот на дваесетиот век, се смета дека довеле до „брзата храна", но и до многубројните реакции кон неа, во вид на „бавна", сирова или органска храна. Нивната порака е - не е толку важно што и како се јаде, туку како е приготвена храната, кој ја продава и како таа се послужува.

Ви посакуваме разумен хедонизам во текот на празниците и во годината којашто доаѓа - ако звучи како оксиморон, тоа е само затоа што е тешко, но не и невозможно да се постигне. 

31 декември 2015 - 10:17